Министерот за здравство, Беким Сали, во гостувањето во емисијата „Само Вистина“ на Канал 5 телевизија, истакна дека состојбата со пандемијата се анализира секоја недела и „пикот на омикрон е во благ пад“.

„На неделна основа ја анализираме неделната епидемиолошка состојба и врз основа на неа носиме одлуки и чекори што ќе ги преземеме. Во моментов пикот на омикрон е во благо опаѓање и сега доаѓаме во фаза на хоспитализации“, изјави Сали.

Министерот вели дека најголем проблем во справувањето со вирусот е големиот отпор кон вакцинацијата, а вели и дека видел „макотрпна работа“ на здравствените работници во неколку ковид-центри низ земјава кои досега ги посети.

„Нашето општество има отпор кон вакцинација и тоа е голем проблем. Немаме финално решение за тоа. Ќе продолжуваме да апелираме и да обезбедуваме вакцини и понатаму. Има максимални напори. Жално е што е низок е бројот на вакцинирани. Гледаме пациенти кои се жртви на пропаганда, за која е необјасниво зошто се прави. Теории на заговор, неспособност… Ние се трудиме да ги развиваме нашите позитивни политики“, додаде Сали.

Министерот нагласи и дека една од клучните причини зошто бројот на жртви од ковид-19 е висок, всушност е токму ниската стапка на вакцинирани граѓани.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.