Нема потреба од дополнителни рестриктивни мерки до следниот состанок на Комисијата за заразни болести бидејќи во последните два дена има намалување на бројот на новозаболени, смета министерот за здравство Беким Сали. Во изјава за медиумите, Сали вели дека според податоците на Институтот за јавно здравје што на дневна основа ги добиваат, пандемијата во земјава дава знаци на стивнување и секој ден има намалување на бројот на новоинфицирани и на хоспитализирани.

Сè е под контрола. Нема потреба од дополнителни мерки. Во Косово се преземени порестриктивни мерки бидејќи епиделошкоската состојба почнала да се влошува и тоа е локална политика. Ние такви рестриктивни мерки немаме и засега нема потреба, меѓутоа секоја одлука е неделна. До следниот состанок на Комисијата за заразни болести нема да има потреба од нова мерка, но се надевам дека и граѓаните ќе бидат претпазливи и вакцинацијата ќе расте, изјави денеска Сали, одговарајќи на новинарски прашања.

Во моментот, како што истакна, нема потреба и од отворање на модуларните болници. Денеска е отворен ковид центарот на Клиниката за неврологија, а од вчера функционира и ковид центарот на Клиниката за кожни болести.

На ниво на држава се трудиме пациентите да бидат згрижени на ниво на болниците. Од минатата недела се преземени мерки да се зголеми бројот на кревети што значи отворање на капацитетите кои претходно беа ковид центри. Од модуларните болници засега нема потреба, рече Сали.

Според податоците на Институтот за јавно здравје, во моментот во земјава во 90 проценти е присутен сојот „омикрон“, а во 10 проценти „делта“ сојот.

Боледувањето на оние пациенти кои ќе имаат симптоми и по седмиот ден ќе го регулираат матичните лекари, односно доколку имаат симтоматологија на вирусот, ќе им се продолжи боледувањето по автоматизам за уште три дена.

Нашата служба „Мој термин“ ги извести сите матични лекари како да се евидентираат овие случаи. Епидемиолошки тие се водат од матичните лекари и на седмиот ден доколку имаат покачена температура или некоја друга симтоматологија, по автоматизам им се продолжува периодот на самоизолација до три дена. Матичниот лекар го регулира боледувањето, вели Сали.

Во однос на тоа дали се размислува за намалување на трошоците за тестирање, министерот посочи дека е арзговарано со сите чинители кои влијаат врз цената и оти очекува позитивен одговор од нив.

Прашан за транспаретноста на Комисијата за заразни болести која неколку месеци нема одржано прес-конференција, Сали со став дека Комисијата секогаш била транспарентна и нејзините одлуки и се познати на јавноста.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.