САД го почитуваат правото на македонските граѓани на мирно изразување мислења и гледишта и повикаа на воздржаност од секакво насилство на протестите во Скопје, изјавија за МИА од американскиот Стејт департмент.

Оттаму укажаа дека пристапувањето на Северна Мaкедонија во ЕУ е значаен фактор за засилување на безбедноста во Европа и за целокупната колективна безбедност.

-САД е силен поддржувач на интеграцијата на Македонија во ЕУ. Сметаме дека иднината на Западен Балкан е безрезервно во ЕУ. Процесот на проширување промовира долготраен мир, стабилност и просперитет низ целиот регион, изјави денеска портпарол на Стејт департментот.

Вашингтон високо ги оценува изјавите на лидерите на ЕУ за важноста на пристапувањето на Македонија во ЕУ кака фактор за засилување на безбедноста во Европа и за целокупната колективна безбедност.

– Го почитуваме правото на граѓаните на мирно изразување мислења и гледишта и ги повикуваме сите на воздржаност од секакво насилство, укажаа од Стејт департментот.

Потсетија дека Македонија ги сработи основните задачи, и дека сега е време да оди понатаму во следната фаза на процесот за пристапување.

-Со оглед на значајноста на овој процес за земјите од регионот, и пошироко за Европа, ги повикуваме нашите пријатели да ја искористат шансата и да го започнат пристапниот процес, рече портпаролот. кб/лв/

2022-07-07 21:46:34, од Борис Камчев, САД

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.