Истрагата за поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски е во завршна фаза, вели шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Русковска во интервју за Радио слободна Европа (РСЕ).

На прашањето дали наскоро би можело да се очекува обвинение, таа одговара „да“.

Истрагата е во завршна фаза. Го добивме материјално-финансиското вештачење. Се чека уште едно вештачење, треба до следната недела да стигне и тоа и ќе се викаат осомничените да дадат своја одбрана, доколку сакаат – вели Русковска.

Во интервјуто, обвинителската одговара потврдно на прашањата дали истрагата навлегла во тоа како Рашковски може да си дозволи гаранција од околу 500 000 евра за замена на мерката притвор, како и во тоа од каде му се парите за хациенда во Побожје. Меѓутоа, вели таа, бидејќи и истрагата и предистрагата се тајни, не може да открива детали.

На прашањето колку фактот што имотот во Побожје е на име на неговите малолетни деца, може да биде проблем во истрагата, Русковска вели дека тоа воопшто не претставува проблем. „Не е проблем воопшто, затоа што и сегашниот закон предвидува доколку се утврди одговорност, се разбира, доколку судот утврди дека некој е виновен, има проширена конфискација и тука спаѓаат членовите на потесното семејство – сопруга, маж, деца, зависи кој е обвинет, така што тоа воопшто не е проблем и според постоечката законска регулатива – вели обвинителката.

Русковска тврди и дека истрагата за случајот „Империја“ не е во застој и наведува дека и во овој предмет вештачењето е во завршна фаза.

Обвинителката во интервјуто посочува по истекот на мандатот в година, нема да се кандидира повторно за прв човек на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.