Во изјавата дадена синоќа пред Кривичниот суд по определувањето притвор за Катица Јанева, шефицата на Обвинителството за гонење на организиран криминал и предметна обвинителка во „Рекет“ Вилма Рускоска одговарајќи на новинарско прашање потврди дека во СЈО имало бришење на компјутерите, како што претходно објави „360 степени“.

„Видете, познато е дека дел од компјутерите се бришени и колку што јас имам информации тоа се на стручните соработници кои работат во СЈО. Ниту еден компјутер на кој било обвинител не е бришен и не е форматиран“, одговори Рускоска.

По аларм од вработени, „360 степени“ на 27 јули објави дека Јанева наредила ИТ-секторот да спроведе т.н. „форензичко бришење“ на компјутерите во Специјалното јавно обвинителство. Од СЈО првично демантираа, но по неколку дека признаа дека се трајно форматирани неколку компјутери во оваа институција и дека процесот е запрен „за да се оттргнат сомнежите за какви било други мотиви“. Со бришењето не биле зафатени документите сместени на тие компјутери, но неповратно се избришани информациите за „сообраќајот“ – кој, кога и што работел на тие машини.

Со форматирањето, во првиот бран, биле опфатени повеќе компјутери на стручни соработници во обвинителството, а следни на ред биле машините на кои работеле истражителите и обвинителите. Бришењето се случило на 26 јули, а по алармот од загрижени вработени што за време на викендот (27 и 28 јули) го пренесе „360 Степени“, операцијата на 29 јули е стопирана. Запирањето, како и отпочнувањето на „чистењето“, не можело да биде без знаење на Катица Јанева.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.