Никола Груевски, Миле Јанакиески и Спиро Ристовски го мобилизирале членството на ВМРО-ДПМНЕ за протестите од 27 април 2017 година пред законодавниот дом, рече шефицата на Обвинителството за организиран криминал Вилма Рускоска на денешната прес-конференција.

Никола Груевски, Трајко Велјановски, Спиро Ристовски, Миле Јанакиески и Никола Бошковски се осомничени за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, за истото дело во оваа истрага за настаните на и пред 27 април ќе се сомничи и ексдиректорот на УБК, Владимир Атанасовски, кој е веќе во притвор.

Рускоска истакна дека поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски преку медиуми ги повикал граѓаните на протести.

Осомничениот Н.Г. како тогаш претседател на политичка партија ги повикал преку медиум граѓаните на протести и заедно со другите обвинети за таа цел ја ставиле во функција цела партиска структура на таа политичка партија. Имаме и пораки. Дел се обезбедени. Бидејќи се работи за истражна постапка доказите ќе бидат испратени до судот затоа што според законот судот е тој што поднесува барање за екстрадиција до Министерството за правда, рече Рускоска.

Во ставањето во функција на партијата тука биле уште двајца осомничени, ексминистрите Спиро Ристовски и Миле Јанакиески. Цело време, како што рече обвинителката, имало партиска координација со месните и општинските комитети на партијата за излегување на протестите кои се организираа периодот пред 27 април, како и повикување на масовност дента на упадот во Собранието.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.