Сенада Сали е поранешна студентка на генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски. Таа сега работи како правник во Европскиот центар за правата на Ромите и вели дека е разочарана од нејзиниот поранешен професор, за кого вели дека не верувала оти можел да има стереотипи за Ромите.

Режимот за Ромите не е сменет, бидејќи стереотипите сѐ уште постојат, дури и меѓу политичарите, додава Сенада, која е најразочарана од неказнувањето на оние кои ги навредуваат Ромите.

Претседателот на опозициската партија Демократски сили на Ромите, Шабан Салиу, вели дека зборовите на Рашковски задираат во чувствата на Ромите, а во случај да се докаже и дека имало неправилности во тендерската постапка, тогаш како што велат од партијата, Рашковски, треба да поднесе оставка.

Но, поинаку мисли партнерот на владината коалиција, пратеникот Самка Ибраимовски. Тој вели дека сите грешат, па затоа откако Рашковски се извинил, Ромите треба да му простат за грешката, за која, како што вели Ибраимовски, нема потреба од поднесување оставка.

Инаку, реакција уследи и од другиот коалиционен партнер, Амди Бајрам, кој го оправда Рашковски, велејќи дека можеби изразот го употребил во еуфорија. Генералниот секретар на Владата, Рашковски им се извини на Ромите, како и на Италијанците за речникот кој го употребил во разговор за време на средба во Влада.

Извор: ТВ 21

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.