Биг Бен, како што популарно го нарекуваат големото ѕвоно во кулата на Елизабета во британскиот Парламент, кое во моментов се реновира, ќе се огласи по повод Новата година, кога ќе го означи излегувањето на Велика Британија од Европската унија.

Вечерта на 31 декември, ѕвоното на полноќ вообичаено ќе отчука 12 пати, но и во 23:00 часот по лондонско време (полноќ по средноевропско време), за да се провери механизмот, кога и воедно завршува преодниот период по Брегзит, кој се случи на 31 јануари, соопшти британскиот Парламент.

Велика Британија во тој период продолжи да ги применува европските правила, а во исто време преговара за своите идни трговски врски со ЕУ. Преговорите сè уште не се завршени, неколку дена пред предвидениот рок.

Кулата Елизабета, завршена во 1859 година, е во фаза на обнова која почна во 2017 година, така што Британците не го слушаат ѕвоното освен во ретки прилики, како што беше последниот пат на 11 ноември, кога беше одбележана годишнината од крајот на Првата светска војна во 1918 година.

И покрај упорните напори на поддржувачите на Брегзит, Биг Бен не заѕвони на 31 јануари, кога Велика Британија ја напушти ЕУ.

Парламентарните служби соопштија дека познатото ѕвоно тешко 13,7 тони ќе заѕвони 12 пати на полноќ за да го означи почетокот на Новата година.

Со цел да се провери механизмот, ѕвоното ќе ѕвони со прекини на 29 и 30 декември, потоа во предвиденото време на 31 декември, а и во 23:00 часот, кога земјата ќе ја напушти ЕУ.

Оваа година, поради пандемијата на новиот коронавирус, откажан е огнометот на бреговите на Темза, во центарот на Лондон, кој секоја година го следат околу 100.000 луѓе.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.