Професорот по кривично право Гордан Калајџиев вечерва гостуваше во емисијата „Што не е јасно“ на Алфа телевизија каде што се разговараше за реформите во правосудството. Калајџиев смета дека реформите треба да ги спроведуваат професионалци, а не на извршната власт.

Решението за СЈО не знаеме од каде дојде, никој до сега не се пријавил за автор, а го добивме од работната група што ја работеше стратегијата. Целата работа беше набрзина. Затоа, треба да се напушти тој пристап. Политичарите и странците сакаат брзи резултати, конкретно стратегијата се правеше на крај на лето за десетинадена, а на крај не се спроведе голем дел од неа и се заврши со ситни промени. Суштински реформи изведовме претходно и требаше да анализираме зошто уште имаме проблеми со тие реформи. Битен дел од реформата беше обвинителството да добие самостојност преку сопствени истражни центри. Обвинителството мора да се ослободи од истражувачките органи и од полицијата, рече Калајџиев.

Анализирајќи ја работата на Судскиот совет Калајџиев рече дека се кутри и немаат сила ни да „гукнат“ и според него се се чека да дојде „одозгора“ некоја наредба, за која не е сигурен од каде доаѓа – дали од политичките партии или од меѓународниот фактор.

Кога се појави „Рекет“ нè изеде жив срам. „Рекет“ има нанесено штета на идејата за правна држава како никој порано. Ја „оплескаа“ со изборот на Катица од првиот ден и жал ми е што вака заврши оваа приказна. Луѓето се фрлени во една апатија и безнадежност, заврши Калајџиев.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.