Железната ограда, која денеска беше отстранета од пред зградата на Владата, ќе биде депонирана во депо, вели портпаролот Миле Бошњаковски за „Република“.
Според него, со овој чин на тргање на оградата, Владата го исполнува ветеното и го промовира концептот на отворена влада, бидејќи зградата на Владата како и просторот околу неа се во владение на граѓаните на Република Македонија.
На последната седница, Владата донесе одлука за отстранување на железната ограда, со цел да се ослободи целосно јавниот простор околу владата и за да биде достапен за користење од страна на граѓаните. За отстранувањето на железната оградата нема да се трошат пари на граѓаните, туку ќе бидат искористени внатрешни ресурси, односно постојните капацитети на службите во рамки на Владата, вели Бошњаковски.
Иако железната ограда е тргната, околу Владата остануваат белите столбови кои ја држеа.
Бетонските столбови, во овој момент, поради тоа што нивното отстранување чини премногу, имајќи предвид дека се вкопани повеќе од 1 метар во земја истите ќе останат, бидејќи Владата нема намера да троши дополнителни пари на граѓаните на Република Македонија за грешките од минатото, вели Бошњаковски.
Портпаролот на Владата додаде дека сите понатамошни одлуки во однос на железната ограда и на просторот околу зградата, владата ќе ги донесе и ќе ги направи по консултација со граѓаните на земјата.
Бошњаковски не одговори на прашањето на „Република“ што точно значи тоа „консултација со граѓаните на земјата“ ниту како планираат таа консултација да се направи.
Планирате консултативен референдум или онлајн анкета? , беа само дел од предлозите ан нашата редакција, но не добивме одговор.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.