Фемицидот на 46-годишната жена од Неготино ја дополнува поразителната статистика според која повеќе од 80% од жртвите во земјава претходно не пријавиле насилство во надлежните институции, велат во писмената реакција од Платформа за родова еднаквост.

Непријавувањето на насилството и несоодветното постапување на институциите во случаи со семејно и родово базирано насилство директно ја зголемуваат веројатноста насилството да кулминира со убиство. Фемицидот, како една од најчестите причини за прерана смрт кај жените на глобално ниво, во најголем број случаи е предизвикан од страна на лице со кое жртвата е или била во партнерски однос, како и во случајот на неготинчанката која почина откако нејзиниот партнер брутално ја претепал. Ненавременото и несоодветно постапување на надлежните институции и правосудни органи директно влијае на високиот степен на недоверба кон овие институции, што придонесува жените и девојките да бидат демотивирани или да се плашат да го пријават насилството. На тоа се надоврзува ниската свест кај граѓаните дека секој има обврска да пријави насилство, притоа доминантниот став е дека пријавување насилство од позиција на трето лице претставува мешање во туѓиот живот. И покрај тоа што новиот Закон за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство беше донесен пред повеќе од една година, сè уште не се усвоени сите подзаконски акти и оперативни процедури неопходни за негова успешна имплементација. Фемицидот сѐ уште не е препознаен како посебно кривично дело во нашиот Кривичен законик, како потежок облик на убиство кога е сторено при вршење на семејно насилство. Сепак, најголем проблем не е легислативата, која последниве години се усогласува со меѓународните стандарди, туку нејзината несоодветна имплементација од страна на надлежните институции. Секоја трагична смрт на жена само зашто е жена нѐ остава со горчливото сознание дека сите напори на граѓанскиот сектор за справување со овој проблем (подигнување на свеста, поддршка за жртвите на насилство и застапување за системски промени) се едноставно недоволни ако не се придружени со поширока институционална и општествена акција. Семејното и родово базираното насилство не е приватна работа. Очекуваме дека институциите соодветно ќе ја завршат својата работа во однос на понатамошното постапување по случајот, меѓутоа она на што овој и бројни случаи укажуваат на потребата институциите конечно да започнат да работат со должно внимание на обезбедување на соодветна и навремена заштита на жртвите, но и да ја зајакнат превенцијата од родово базирано насилство, со цел да не се случуваат вакви фатални завршници.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.