Професорот Гоце Андревски, кој е дел од тимот „Обнова за Македонија“, работи на Квинс Универзитетот, во државата Онтарио, Канада, предава бизнис и корпоративна стратегија на додипломски, магистерски и докторски студии. Со семејството живее во градот Кингстон во државата Онтарио, Канада. Роден е во Скопје, а од неодамна стана стратешки соработник за прашања од областа на бизнисот и организациските стратегии во тимот за Обнова на Македонија. Андревски е остар противник на Договорите со Грција и Бугарија, смета дека се неприменливи во реалноста и дека сами по себе ќе станат ништовни. Смета дека државата треба да обезбеди правна и фискална сигурност за развој на бизнисите и дека ова е една од причините зошто најтешко се брани Македонија дома. Неговата визија е да ја вратиме државата на чесните луѓе.

Во јануари посочивте дека вашите професионални врски и идни ангажмани со државата Северна Македонија завршуваат, ги прекинувате, поради промена на името на државата. Што беше пресудно да се вклучите во тимот за Обнова на Македонија, кој го води лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски?

Да, посочив дека не сакам да имам никакви професионални врски со преставниците на оваа влада на Македонија затоа што со нив не делам исти вредности. Честа и достоинството се основни вредности на еден човек. Тие прифатија да тргуваат со најинтимните нешта на еден народ – уставното име и историја – за материјални придобивки. Таков срамен чин се коси со моите вредности.

Со господинот Мицкоски делиме слични вредности и ентузијазам за враќање на достоинството на сите граѓани на Македонија. А тоа се постигнува со многу работа и упорност, а не со самопонижување.   

 

Договорите со Бугарија и Грција се реалност, а се спроведува и нивна имплементација. Вие сте остар противник на истите и сметате дека треба да бидат ништовни. Како би се спровела ништовност при силна меѓународна поддршка за истите?

Точно е дека договорите имаат силна меѓународна поддршка и нивно еднострано поништување би имало тешки последици за Македонија.

Мојата теза е дека и без еднострано поништување, двата договори набрзо ќе станат необврзувачки за Македонија затоа што се неспроведливи. Дури ни оваа влада неможе да ги спроведе сите барања на соседите кои произлегуваат од овие договори. Неспроведување на само една обврска од страна на Македонија повлекува реципрочна реакција од Грција и Бугарија, односно блокирање на ЕУ преговорите. Набрзо ќе се најдеме во ситуација кога и двете страни нема да се придржуваат кон договорот.

Зошто Македонија неможе да ги спроведе сите обврски од овие договори? Затоа што преговорите за името на државата преминаа во преговори за идентитетот на Македонскиот народ. Погледнете за што се преговара во моментов. Бугарија бара да прифатиме дека Гоце Делчев не бил Македонец, а тој е еден од столбовите на Македонската држава и идентитет. Грција  бара не само државни институции туку и приватни субјекти да не смеат да ја користат придавката Македонски/о за Македонски производи, фирми и градови (како на пример, македонско вино, македонски телеком, македонски брод). Внимавајте, според член 1(3) (х) од преспанскиот договор (и во сооднос со член 1(3) (ф)), во следните три години (до 2022) двете страни треба  институционално да преговараат и да најдат меѓусебен договор за користењето на придавката Македонски за комерцијални цели како што се имиња на производи, организации, градови итн. Преговори со Грција значи само едно – или блокада или прифаќање Грција да има ексклузивно право на придавката Македонски. Ќе повторам, тоа е неспроведливо дури и за оваа влада.

Неспроведливи се и сите други лекоумни обиди на оваа влада да ја одомаќинат придавката северна за внатрешна употреба. Не само што ќе завршат неуспешно, туку ова ќе биде запаметено како најсрамен чин во историјата на Македонскиот народ. 

Повеќе од деценија живеете и работите надвор од Македонија. Еднаш решивте да заминете, сега решавате да се вклучите во Обновата на родната земја. Која ви беше потешка одлука?

Двете одлуки беа лесни. Првата одлука ми овозможи да се стекнам со знаење и искуство на реномирани светски универзитети во САД и Канада. Втората одлука ме става во позиција да можам да го употребам моето знаење и искуство во развојот на мојата земја. Македонија вложила во мене и време е да добие поврат на инвестицијата.   

Дали е потешко да се брани Македонија надвор или дома?

Од дома е неспоредливо потешко! Голем процент од граѓаните се зависни од државата и партиите, и можат многу да изгубат ако им се спротивстават. Оние пак кои не зависат од партиите, чуствуваат блиско посредно влијание од политичарите и државните органи. Надвор од Македонија ја нема таа зависност, но нема ни можност директно да се влијае врз одлуките и процесите.

Вклучувањето во Обновата на Македонија значи дека имате визија во кој правец треба да се развива иднината на земјава. Која е вашата визија?

Развојот на Македонија зависи само од нас самите. Израснав опкружен со чесни и вредни сограѓани, Македонци, Албанци, Турци, Власи, Роми, Срби, Хрвати кои си ја сакаат и се горди на својата земја. На жалост, повеќето од тие луѓе се во сенка. Од транзицијата наваму, државата ја водат мала група на луѓе со низок морал и етика, кои го гледаат само својот интерес. Мојата визија е да ја вратиме државата на чесните луѓе. Да ги извадиме на површина, да ги охрабриме и да им дадеме шанса. Тие се спремни да си ја вратат државата, да се вклучат во нејзината обнова, но не со продавање на достоинството, туку со многу работа и откажувања.  

Која е првата работа која ќе ја преземете како стратешки советник во тимот за Обнова на Македонија?

Ќе пробам да привлечам и активирам други реализирани луѓе од земјата и странство, за кои знам дека се професионалци со висок вредносен систем, работливи, чесни, едуцирани, но истовремено достоинствени и скромни. Професионалци кои не бараат популарност и функции за обогатување, туку можност да го стават својот талент и знаење во функција на државата. Нивната единствена мотивација ќе биде сатисфакцијата да ја направат Македонија пристојно место за живеење. Мојата цел е да направиме критична маса која ќе наметне вистински вредности кај младите луѓе.     

Се вклучувате како стратешки соработник за прашања од областа на бизнисот и организациските стратегии. Македонија е микро пазар, останува без население и работна сила, а од друга страна бизнисот го обременуваат големи давачки. Што според Вас треба да се направи за да се постигне баланс меѓу потребите на работниците, на бизнисот и на државата?

Се сложувам со вашата констатација. Во моментов, нема основни предуслови за водење успешен бизнис. Има правна несигурност, фискална нестабилност, и недостаток на работна сила. Во исто време, нашите компании се неконкуретни во регионот.

Нема изолирани мерки кои инстантно ќе дадат резултати. Потребно е да се имплементира систем на интерактивни и комплементарни мерки, за кои се надевам ќе бидат имплементирани во првите неколку месеци од новата влада, за потоа да се обезбеди стабилност и предвидливост на бизнис опкружувањето во наредните 4 години. Првите мерки треба да бидат насочени кон зголемување на довербата помеѓу државата и компаниите. Државата треба да ги направи првите чекори за креирање на доверба – пример, со намалување на трошоците на компаниите и имплементирање мерки за зголемување на нивната ликвидност. Компаниите за возврат ќе инвестираат и чесно ќе си ги подмируваат обврските кон државата и работниците. Други приоритетни мерки се реинтензивирање на процесот за привлекување на странски инвестиции и нивно поврзување со домашните компании.

Мојот ангажман ќе биде воглавно во областа на микро-економски стратегии за подобрување на конкуретноста на Македонските компании. Фокусот ќе биде не само на формулирање на стратегии туку и на поставување конкретни индикатори за континуирано следење на резултатите.

Веќе во ноември ќе се вклучам со одредени едукативни активности во Македонија. Како дел од самитот Македонија 2025, ќе одржам обука за 25 најголеми компании во Македонија на тема: Формулирање на Eфективни Бизнис и Корпоративни Стратегии.

Дипломец сте на УКИМ, а потоа го надополнувате образованието и во сферата на бизнисот. 

Дипломирав на Економски Факултет во Скопје во 1998. Во 2001, одкако ја прекинав кошаркарската кариера, заминав во Мичиген, САД, каде во 2003 магистрирав бизнис администрација на Универзитетот Гренд Вели Стејт, а во 2009 докторирав стратегиски менаџмент на Универзитетот Кентаки во САД. Од тогаш работам на Квинс Универзитетот, во државата Онтарио, Канада, каде што во 2015 бев промовиран во Редовен Професор.

Предавам бизнис и корпоративна стратегија на додипломски, магистерски и докторски студии. Мојата примарна научна дејност е во областа на конкурентната динамика и менаџментот на бизнис партнерства. Моите научни трудови се публикувани во водечките научни списанија и имаат освоено повеќе награди како што се најдобар научен труд на докторант во светот за 2009 доделена од Академија за Менаџмент, и најдобра публикација за 2011 година избрана од уредниците на најпрестижните научни списанија во светот при Асоциацијата на Информациски Системи.

Гоце Андревски приватно

Со моето семејство живееме во градот Кингстон во државата Онтарио, Канада. Роден сум во Скопје каде живеат моите родители. Во Македонија доаѓаме два до три пати годишно, еднаш за време на летните одмори и најмалку уште еднаш кога имам конференција некаде во Европа. Живееме на 30 километри од границата со САД па често одиме на посета кај мојата сестра која живее со фамилијата во Гренд Репидс, Мичиген. Го посетуваме често и Лексингтон, Кентаки каде сеуште имам блиски контакти со моите колеги и ментори.

Кингстон е туристичко и студенстко гратче на езерото Онтарио. Се наоѓа на околу два саата возење до трите најголеми градови во Канада – Отава, Монтреал, и Торонто. Во нашата околина е една од најголемите светски туристички атракции – 1000 острови. Честопати уживаме во таа природна убавина одејќи со кајаци од остров до остров, навистина неверојатно искуство. Ја посетуваме често и областа Принц Едвард каде има живописни патеки за пешачење но и околу 50 винарии.  Вообичаено одиме на скијање во околните скијачки центри од кои Монт Треблант ни е омилениот.

Над 70% од младите во Македонија сакаат да ја напуштат земјата, со една нога се на факултет, со другата се во странство. Вие млад заминавте, сега се ангажирате за родната земја. Што ги советувате младите сега?

Не е проблемот што младите одат да се доусовршуваат во странство. Такви луѓе со меѓународно работно искуство и образование и требаат на Македонија.

Проблемот е што оние кои не сакаат да си одат се приморани тоа да го направат и малку од нив имаат желба да се вратат во Македонија. Јас сум уверен дека многу успешни Македонци би се вратиле во Македонија доколку видат и малку надеж дека Македонија ја водат луѓе со интегритет кои ќе им дадат можност да ги применат своите знаења за развој на државата.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.