Премиерот Зоран Заев изјави дека разговорите со Бугарија за изнаоѓање решение за отворените прашања и надминување на ветото за ЕУ ќе продолжат веднаш што се формира влада во Софија по предвремените избори во земјата одржани порано овој месец.

Одговарајќи на новинарско прашање на заедничката прес-конференција по Регионалниот економски форум во рамки на иницијативата „Отворен Балкан“ претходно позната по неформалното име „Мини Шенген“ Заев укажа дека и Бугарија е добредојдена да се приклучи на оваа иницијатива иако е членка на ЕУ.

Посакувам Бугарија навистина да направи влада. Тоа е добро и за Бугарија и за бугарскиот народ, секако и за регионот. Добро е и за Македонија. Штом ќе се направи влада, ние рековме продолжуваме да разговараме се додека најдеме решение. И како што ние и нашите граѓани сега одат со лични карти низ нашите граници, каде што ги разменивме ресурсите за справување со катастрофи, па ќе можат и тие да се приклучат доколку сакаат. Затоа што ова е Балкан. Иако се земја членка на ЕУ, зошто не. Така што ова го испраќам како порака дека мал ни е регионот, мораме да соработуваме, да си помагаме, пред се, заради нашите граѓани, а секако и понатаму да се интегрираме затоа што тоа, исто така, носи придобивка за нашите граѓани – вели Заев прашан дали очекува по изборите во Бугарија да се придвижат работите.

Заев при тоа се согласи со изјавите на албанскиот колега Еди Рама и српскиот претседател Александар Вучиќ дека остануваат отворени за секој кој сака да се приближи на оваа иницијатива.

Верувам дека на сите ни е јасно дека во заедништвото, во соработката и пријателството е силата. Тоа им го должиме на нашите граѓани и сите знаеме дека и западна и северна и централна Европа ќе не почитува повеќе и ќе соработува со нас повеќе ако сме здружени. Тоа ни е јасно на сите не мора да бидете претседател или премиер на државата. Остануваме отворени. Секој може да избере – тоа е добро за нивните граѓани – влегувам во тој дел од иницијативата, тоа не е, не влегувам во тој дел. Ние отворивме цела една лепеза која што ќе донесе добро на нашиот народ од сите овие три земји, на економијата на бизнисите – рече Заев.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.