Разговорите со соседна Бугарија ќе продолжат, тие се наши соседи и мораме преку европска достоинствена политика и дијалог да бараме решение за недоразбирањата. Разговорите ќе продолжат со оваа и која било друга идна бугарска влада, вели во интервју за МИА министерот за правда Бојан Маричиќ.

Повторното одложување на почетокот на преговорите за членство на Македонија во Европската Унија, како што посочува министерот, е голема грешка.

Нашата земја направи сè што беше побарано како услов за почеток на преговорите. Многу пати и премиерот Заев кажа дека ние немаме алтернатива на членството во ЕУ, но и дека тоа не може да биде на сметка на нашиот македонски идентитет или македонски јазик, истакнува Маричиќ.

Според него, започнувањето на преговорите значи и динамизирање на реформите во сите области бидејќи поддршката од Европската Унија би била многу поинтензивна.

Што значи, нема да има никаков застој на реформите – тие нив не ги правиме за Европската Унија, туку заради нашите граѓани. Воедно, реалноста е дека ние губиме многу со тоа што не го започнуваме тој интензивен процес на блиска соработка со Брисел и партнерите во ЕУ. Затоа е многу значајно да се најде решение кои ги штити нашите државни интереси и кое ни овозможува официјален почеток на преговорите, вели во интервјуто за МИА министерот за правда Бојан Маричиќ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.