„Разговори за обнова на Македонија“ покажаа дека граѓаните живеат тешко време исполнето со несигурност, револт и многу нерешени проблеми. Македонија е на погрешна патека, а власта само го троши времето. Секој изминат ден значи нови проблеми, нови осиромашувања, нов удар врз достоинството на нацијата и земјата, истакна денеска на прес-конференција Игор Јанушев, генерален секретар на ВМРО – ДПМНЕ.

На граѓаните им е потребна обнова и затоа се спремни да се изборат како никогаш порано. Тоа го говори огромниот одѕив на граѓаните во акцијата односно кампањата „Разговори за обнова на Македонија“, каде досега над 15.000 граѓани се обратија со проблеми. Тие се жалат поради сиромаштијата, неправдите кои стегаат, ударите врз достоинството и бесценетите работи кои Заев и власта ги продаваат. Се жалат поради урнисаното земјоделие, иселувањето, криминалот и корупцијата и ударот врз бизнисот. И особено охрабрува нивниот огромен интерес на над 15.000 граѓани кои проговорија за она што ги мачи и побараа решение, истакна Јанушев.

Како што додаде тој, поради големиот интерес на граѓаните да проговорат за проблемите, но и заедно да стигнеме до решенија, од опозициската ВМРО – ДПМНЕ одлучиле „Разговори за обнова на Македонија“ да ги прошират со уште две акции во корист на граѓаните.

Првата, организирање на отворени денови во рамките на општинските комитети на ВМРО-ДПМНЕ. Втората, средби на микро ниво преку директен и личен контакт преку месните заедници. Ова значи дека покрај редовните посети во рамките на „Разговори за обнова на Македонија“ и отворените т.н. корнери, односно штандови, кои до сега ги организираме по градовите каде граѓаните може да ги споделат проблемите за кои ќе понудиме решенија, сега ја прошируваме активноста со уште две можности: отворени денови во општинските комитети, и непосредни и лични средби во месните заедници, дополни генералниот секретар на ВМРО – ДПМНЕ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.