Се ниша коалицијата меѓу СДСМ и ДУИ. Откако министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, обвини за злоупотреби во ПИОМ, каде со години директори се функционери на ДУИ, денес вицепремиерот Бујар Османи излезе со остра порака до неа.

Ја обвини дека дава несреќни изјави, а се закани и со тужба.

Околу вчерашната фама и спектакуларни наслови, за злоупотреба на пензискиот фонд од 19 милиони евра, јас морам тука да кажам дека вчера имаше несреќна изјава на министерката Царовска, која отвори можност за спектакуларни шпекулации по однос на тоа што се случувало во ПИОМ, за некаква можност за злоупотреба. Кога вчера го верификувавме и со министерството и со фондот дека апсолутно не се работи за злоупотреба на ниту еден денар од средствата на пензионерите или на Фондот, туку дел поради административни пречки, дел поради недоволен буџет заради тогашната одлука на Влада да се намалат придонесите, дека тие не биле префрлени во вториот столб. Меѓутоа, не станува збор за апсолутно никаква злоупотреба на ниту еден денар од тие средства. Побарав и од министерката и од фондот денес да излезат и да објаснат пред граѓаните, да разјаснат дека тоа е “фејк-њуз“. Најавувам дека сите политичари и медиуми кои го инволвираа ДУИ во оваа лажна вест, доколку не се извинат, ќе покренеме правна постапка со цел да ја докажеме вистината, истакна Османи.

Министерството за труд и социјална политика соопшти дека до Основното јавно обвинителство доставува кривична пријава против непознат сторител и сите документи од анализата на пензискиот систем со која беа откриени неправилностите во распределувањето придонеси за дел од идните пензионери.

Нејасно останува како после толку детални анализи сторителот на ова дело останува непознат, ако се има предвид дека станува збор за државни институции за кои точно се знае кој ги раководел во тој временскиот период, кога настанало делото за кое се поднесува кривична пријава!?

Според упатените на овој начин СДСМ врши политичка пресметка со својот коалициски партнер ДУИ, од каде и доаѓаа директорите на Фондот за пензинско и здравствено осигурување во периодот кога се направени неправилностите.

Темелните истражувања на пензискиот систем кои ги направи Министерството за труд и социјална политика со Меѓународните финансиски институции за првпат по 12 години откри дека кај 12.000 осигуреници уплатените придонеси останале само во државниот пензиски столб. За нив воопшто не се распределувале средства во приватниот (втор) столб, иако осигурениците ги исполнувале условите. На овој начин директно им било скратено правото за остварување повисока пензија на овие 12.000 идни пензионери. Така, еден осигуреник со просечна плата има изгубено околу 95 илјади денари во период од 2007 до 2018 година, се наведува во соопштението на МТСП.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.