Додека луѓето гинат по улиците, а бројот на жртвите во летниот период се зголемува, новиот состав на советодавното тело за унапредувањето на безбедноста во сообраќајот уште официјално нема почнато со работа, анализира „Независен весник“. Одлуката за разрешување на старите членови и именувањето нови беше објавена во „Службен весник“ на 28 мај, пред речиси еден месец.

Според последните информации што можат да се добијат од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот, новата претседателка Гордана Кожуваровска ги средува документите во Централниот регистар и наредните десетина дена најверојатно официјално ќе профункционира новиот состав.

Она што паѓа во очи е што и во новиот состав од над дваесет члена, кои земаат надомест од државата, најголем дел од нив немаат никаква врска со сообраќајот.

Претседателката Кожуваровска е магистер по сообраќај и според грубите пресметки има уште тројца сообраќајни инженери, сите од внатрешноста на Македонија.

Останатите членови се правници, економисти, политколози, психолози. За член на телото е избран Никола Чичо, политиколог од Струмица, Хавуше Лесковица-Исмаили правник од Куманово, Фиторе Зибери, психолог од Тетово, Низам Шахини, дипломец на бизнис-администрација од Липково, а сообраќајните проблеми ќе ги решава и еден биотехнички лаборант од Тетово. Меѓу членовите е и еден дипломиран офицер за воздухопловни операции.

Освен членови со несоодветно образование, за безбедноста на сообраќајот ќе се грижи и Вјолца Бајрами, вработена во кабинетот на претседателот на Собрание и Оливер Лукароски, советник на министерот за внатрешни работи.

И поранешниот претседател на ова тело Стојче Стаменковски е дипломиран економист, а и во минатиот состав сообраќајните инженери се броеја на неколку прста. Сепак, Стаменковски е задоволен од она што го сработиле.

Целата анализа на „Независен“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.