Уште малку ќе имаме избори, колку сте сигурен дека ќе победите и на што ги темелите вашите проценки?

Мицкоски: Сигурен сум дека ќе победиме заедно со народот и тоа го знаат и нашите противници, а тоа го темелам на вербата во народот и фактот дека не може повеќе да се функционира во вакви едни абнормални услови во државата. Во овие изминатите 29 години независност многу често политичарите кажуваа дека го следат народот, но ретко кој го слушал и вистински посветувал внимание на тоа што е она што му треба. Граѓаните навистина се чуствуваат запоставени во сопствената држава, и за разлика од владеачката каста и привелегиите кои таа ги ужива се добива впечатокот дека сите останати се граѓани од втор ред.

ВМРО-ДПМНЕ ќе победи зошто мора да се стави крај на неправдите, на неказнетиот криминал, на хибридниот режим на Заев кој го притиска општеството. Да се сврти нов лист, нов почеток кој ќе донесе развиена економија, нови работни места, да си ги враќаме луѓето кои си заминуваат, да станеме вистински компетитивни и напредни во секој поглед и она што знам да го кажам технолошки тигар на Балканот. Наместо по рекетот, да бидеме препознаени по иновациите. Конечно една влада да се посвети на прашањата за заштита на животната средина, да се дочека и доврши гасификацијата која ја ветуваат 30 години.

Сето ова мора да се направи, а првиот чекор е да се поразат оние кои носат порази и измами, да се тргне Заев од политиката.

Дека државата со Заев губи и дека тој е главниот виновник за колективната несреќа со која се соочуваме, кажуваат и релевантните извештаи. „Економист“ кажа дека сме хибриден режим или на чекор од она што се вика авторитарен режим, а како би биле поинаку кога во земјава врвот на власта организирано зема рекет, кога криминалците се на слобода, а патриотите по затвори.« Транспаренси вели дека сме најкорумпирана земја во Европа, на ниво со афричките држави.

Претходно излезе мерење дека сме со најниски плати во Европа, а воедно сме и меѓу првите десет земји со најголема невработеност кај младите. Ете сето ова мора да биде поразено,мора да бидат поразени Заевците кои функционираат под една иста матрица било да е тоа Шекеринска, Коста Петров, Лукареска, Нина Ангеловска или Царовска зад кои стојат искривените вредности на Заев од кои се срамат сите есни социјадемократи. И јас верувам дека народот ќе одлучи правилно и овој пат нема да наседне пред оние кои веќе многупати го прекшрија својот збор.

Ве гледавме во емисијата „Еден на еден“, имаме впечаток дека Христијан знае да се насмее и да слуша музика. Кажете ни кое е вашето хоби?

Мицкоски: Понекогаш е добро да се види и другата страна на политиката и она што ги прави почовечни политичарите. Навистина е грда онаа слика по која се препознаваат најголемиот дел од политичарите во Македонија што секако би рекол е заслуга и на лошите примери на луѓето во политиката.

Јас сум обичен човек кој води едноставен начин на живот како и секој друг. И едноставните работи ме прават среќен и исполнет. Од она малку време што го имам гледам да го поминам квалитетно и најчесто тоа е вежбањето во теретана и планинарење во природа. Секако најблиску ми е врвот на Водно, но порано знаев да прошетам и низ останатите делови на Македонија, вообичаено тоа беше некое организирао искачување на Кораб, Титов Врв или Пелистер. Но, сега тоа е ретко и исклучок. Но, кога се има малку време Водно ми е доволна замена за мојата љубов кон планинарењето.

Ако знаеме дека имотот на вашата партија е замрзнат, како тогаш ќе ги организирате сите митинзи и како ќе плаќате киријата за партиските штабови низ Република Македонија?

Мицкоски: Замрзнувањето на имотот од корумпираното СЈО и подоцнежното уценување кое доаѓаше од тие кругови во стилот ако сакате одмрзнат имот мора да го продолжите мандатот на СЈО, е начин само како да се врши политички притисок врз ВМРО-ДПМНЕ мислејќи дека така ќе потклекнеме во нашата борба против Заев. Но се покажа дека не само што не потклекнавме туку и се спротивставуваме на неправдите. Што се однесува до начинот на финансирање, тоа се одвива согласно законот и средсвата кои следат од тој закон. Гледаме да работиме максимално домаќински и да ги рационализираме тие средства.

Ние немаме милион евра за скапи кампањи како што тоа го направи СДСМ пред еден месец, но ја имаме вистината која постојано ја говориме и со скромни средства постојано настапуваме пред граѓаните. За да ја говорам вистината не се потребни пари, доволно е да се отиде и застане пред луѓето и да се говори искрено и од срце. Тоа го правам и ќе продолжиме да го правиме.

Во моментов тече акцијата „Oбновата пред вашиот дом”, а во неделата што следи ќе бидам со граѓаните на терен, заедно ќе разговараме и ќе доаѓаме до решенија. Во моментов се прават финалните подготовки за програмата. Претходно бевме на терен и прибиравме проблеми, сега сме во фаза на изготвување на решенијата и можам да кажам дека се мобилизирани сите креативни потенцијали и најдобрите умови и експерти во земјава и странство во креирањето на она што ќе биде наша понуда. За да имаме обнова каква и треба на Македонија мора да имаме квалитетна програма и секако нашиот збор дека таа ќе се исполни.

Хипотетички, вие сте премиер, ви јавуваат дека вашиот дедо (таткото на сопругата) е фатен за пребрзо возење и на самото место му е одземена возачката дозвола. Како ќе реагирате?

Мицкоски: Немам дилеми, треба да се поостапи согласно законот. Тие што мислат дека ќе кренам телефон за да се заврши нешто незаконски, нека го заборават мојот број, без оглед за кого се работи. Јас би бил лицемер доколку пред вас зборам дека мора да се достигне правда, а во некоја друга прилика јас сум тој кој нанесува неправда. Тоа од мене не го очекувајте.

За да барам од другите да се однесуваат согласно законите, прво јас морам да ги почитувам. Во животот ниту сум кренал слушалка за таква работа да се заврши ниту пак ќе кренам. Во конкретниот хипотетички случај кој го спомнавте, советот би бил платете ја казната и признајте ја вината.

Многу граѓани на Македонија се одселија низ светот, а миграцијата трае и денес, дали имате изготвено мерки за овој проблем во случај да ја освоите власта?

Еден од клучните проблеми со кој се соочува земјава е токму иселувањето или јас тоа го викам белиот егзодус што и се случува на Македонија. И можам да кажам дека како професор на факултет срцето ми се кине кога гледам премногу добри кадри кои си заминуваат од земјава, а во кои ние како професорска фела сме вложиле толку многу да ги остручиме и да ги извадиме на вистинскиот пат. Но од друга страна ниту јас ниту било кој друг немаме право да ги осудиме поради нивниот избор да си заминат до земјава, затоа што тие со своите потенијали се барани на странските пазари, и едноставно државата не прави доволно да ги задржи во своите родни огништа.

Скоро и да нема семејство во земјава од кое нема по еден раселен низ Светот. Ќе ве потсетам дека токму оваа власт беше таа која велеше дека ќе го сопре иселувањето, и секако се сеќавате на она редење на чевли пред владата како синоним за раселените лица. Со други зборови за иселувањето СДСМ збореше до моментот додека се всели во владината зграда и веднаш потоа заборави на оваа појава. Дополнително иселувањето не само што запре туку и се зголеми.
Одредени податоци говорат дека за 3 години се иселени над 200 илјади граѓани, тоа се илјадници семејства кои затвориле домови и родни огништа тука низ Македонија. Дополнително да не говорам дека пак има и фрапантно лоши податоци за наталитетот во земјава, што посочува на тоа дека Македонија не само што ја губиме како држава, туку и се помалку не има како народ. Токму затоа на овие избори ќе излеземе со посебна стратегија која ќе опфати борба против иселувањето. Мора да си ги задржиме луѓето овде во своите родни огништа, но и воедно да создадеме услови тука сите оние кои се со планови да си заминат или повремено работат во странство, да се вратат и да почнат да градат иднина во Македонија. И тоа не опфаќа само сет мерки во економијата, туку и целосна обнова во образованието, здравството, екологијата, правниот систем, сигурнста која им е потребна на граѓаните. Мора да си ги вратиме нашите чеда во земјава и заедно да трасираме сигурен пат.

Од каде е по потекло Христијан Мицкоски?

Мицкоски: Јас сум роден и израснат во Скопје, во скопски Карпош. Инаку мојот татко е по потекло од Кичево, како студент се преселил во Скопје и долги години работел во МЗТ, по што се вработува на Машинскиот факултет. Мојата мајка е по потекло од Ново Село, Струмичко, и како ученик во основно училиште се преселуваат со родителите во скопската населба Ченто.

Колку се точни гласините дека како ВМРО-ДПМНЕ можевте ама не спречивте да се смени уставното име, ќе може ли во неколку реченици да ни објасните?

Мицкоски: Тоа е целосно лажна и неточна теза која ја пласираат владините кругови со цел да ја разединат десницата. ВМРО-ДПМНЕ била и остана бедемот на националните и државни интереси на Македонија. Виновникот за промената на името и идентитетот имаат име и презиме, а тоа се Зоран Заев и неговите слуги кои за малку привилегии и неколку намигнувања за лични интереси решија да му дозволат да го направи она што претставува историска грешка и сегашна реалност која ние не можеме да ја игнорираме, но со која нема да се помириме и ќе се бориме да ја промениме. Цело време јасно кажуваме дека нема сила која ќе не натера да кажуваме дека сме нешто друго освен она што вистински сме Македонци од Македонија.

Ако бидете премиер, дали ќе жвеете во премиерската вила или во сегашниот дом?

Мицкоски: Ова не го правам за материјални добра, туку за историја, за мојот народ и Македонија. Јас не посветувам внимание на материјалното. Најудобно се чуствувам во мојот дом со моето семејство и така ќе продолжам да дејствувам. Моите соработници ме убедуваат дека во една таква прилика би требало да се води сметка и за безбедноста, но сметам дека треба да се остане приземен и во допир со народот. Не планирам преселување во друг објект. Најкомотно се чувствувам во мојот дом.

Цело време го критикувате Заев, додека ДУИ и Али Ахмети не сте ни ги спомнале, иако јавноста знае дека и оваа партија е дел од проблемот со корупцијата и ако може коментар за законот за јавно обвинителство?

Мицкоски: Јас сум за апсолутна правда, и тоа без оглед на тоа за кој се работи дали некој бил член на СДСМ, на ДУИ или ВМРО-ДПМНЕ. Јас во неколку наврати повторувам, немам концесии во политиката кон никого, и кон никого не должам. Оттука се чуствувам комотен во борбата против криминалот и корупцијата. И тука нема да имам обзир за кого се работи. Не постои малку или многу криминалец, или некој малку се огрешил кон законот или многу. Но таква пристап нема кај нашите противници. Со внимание ја следам дебатата за законот за јавно обвинителство и можам да кажам дека навистина кај власта постои паника од независно обвинителство. Ја слушам министерката за правда Дескоска како вели дека ВМРО-ДПМНЕ имала само едно барање да запреле постапките кои се водат на суд против нас. Можам само да кажам дека Дескоска ја префатил вирусот од Заев за лажење. Јас излегов на опширна прес конференција која траеше речиси еден час каде кажав дел од причините зошто не поддржуваме закон за јавно обвинителство по теркот на Заев и зошто тој закон е противуставен. Симплифицирано не поддржуваме закон со кој Заев одново сака да се амнестира од одговорност преку воспоставување на контролирано обвинителство преку кое треба да поминат неказните криминалите на неговиот хибриден режим. тој филм нема да се гледа. Доколку СДСМ навистина е за законско решение нека ги прифатат нашите забелешки и веднаш да го изгласаме законот.

Колку министри ќе брои вашата влада, повеќе или помалку од оваа на Заев?

Мицкоски: Можам да ви кажам дека сигурно ќе има помал број од ова што го има сега. Во моментот имаме министри чии имиња една третина од народот не ги знае, а не ги познава зошто ништо не работат. Ние имаме министри и советници на премиерот кои ги плаќа напатениот народ, а кои немаат донеесено една едиствена странска инвестиција. Имаме министри кои се занимаваат со гол популизам зад кои стои единствената работа во која е способна владата, а тоа е криминалот. Имаме министри кои ги знаеме по правење на мафини, но не и по правење на проекти. Тоа е жалната реалност.
Еве една илустрација, сега пред неколку дена владата се фали со можно нов автопат кон Блаце откако претходно 3 години еден метар нов афлат не удрија. Но она што е симтоматично е сумата по која ќе го градат. Таа на пример најавија декапред избори ќе градат цели 2 километри автопат од 12.5 километри вкупна должина која ќе чини 120 милиони евра, или 9.6 милиони евра за еден километар автопат. За споредба изградбата на еден од најтешките автопати на најкоплицираните терени започнат во времето на ВМРО-ДПМНЕ Охрид-Кичево вреди 370 милиони евра и ќе биде долг 56 километри, или инвестицијата е 6.6 милиони евра од километар. Прашањето е зошто еден автопатот на релативно полесен терен за градба како што е тој за Блаце вреди поскапо односно 9.6 милиони евра во споредба со оној за Охрид кој вреди 6.6 милиони евра. Одговорот е затоа што некој близок на владата мора да инкасира во приватен џеб за таа работа. Залудно граѓаните плаќаат неефикасни министерства, кои не решаваат проблеми.

Македонската дијаспора е оставена сама на себе, дали имате план што со овие луѓе во кои има голем човечки потенцијал?

Мицкоски: Имам постојана комуникација со Македонската Дијаспора која овие три години е потполно неоправдано заборавена од македонската Влада. Заев се однесува неоправдано арогантно и ги заборава нашите луѓе во белиот свет. Тоа мора да се смени. Јас имам поинаков однос кон ова прашање. Впрочем голем дел и од тимот на стратешки соработници со кој соработувам се дел од таа дијаспора кои работат во престижни факултети и бизнис компани од Европа и Светот. Воедно оддржувам редовни контакти со македонските здруженија од Европа, Америка и Австралија. Сметам дека потребно е поголемо внимание на македонската држава кон своите иселеници воедно оддржување и негување на традиоционални добри односи. Кога комуницирате со овие луѓе без исклучок тие се ставаат на располагање, но потребно е да се посвети внимание и тие луѓе да се анимираат и повикаат да помогнат. Тие врски треба да се зајакнуваат и секако дека тоа ќе биде една од моите понатамошни заложби.

Што ќе направите за подобрување на климата за странски инвестиции, имате ли план?

Се обврзаваме дека ВМРО-ДПМНЕ во 4 годишниот мандат ќе реализира проекти, капитални инвестиции за развој на Македонија во вредност од не помалку 2 милијарди евра. Воедно планираме привлекување на странски инвестиции и домашни инвестиции, во вредност не помала од 4 милијарди евра за 4 години. Ќе направиме драстично подобрување на бизнис климата и е направиме се што е во нашата моќ да го надохнадиме пропуштеното. Во овие години Македонија бележи историски пад на инвестициите со историски пад на градежништвото и индустријата. Во бизнисот нема добра и поволна клима, има само рекет. Неколку странски компании ми се доверија и ми сооопштуваат на какви се не проблеми наидуваат од министер до администратвните службеници кои работат во институциите задолжени за работа со овие компании. Тоа мора да се смени. Главниот проблем е што владата нема концепт. Практично целата онаа добра работа која беше направена во минатото е срушена. Направена е огромна штета, и оваа влада не е препознатлива по ниту една инвестија освен по оние за кои излажаа како Фејсбук, Гугл, Санос, или пак Фолксфаген. Нема ништо од тоа. Можам да соопштам дека сум во разговори со неколку големи странски компании кои изразуваат желба да инвестираат веднаш по смена на власта, затоа што на овие актуелни функционери не им веруваат. Имаме план и визија за напредок и ве уверувам да очекувате многу добри и позитивни промени во првите сто дена по изборите.

Се зборува дека во високото образование има 2-3 приватни факултети кои просто речено штанцаат дипломи. Вие сте професор, дали ќе имате храброст да го пресечете гордиевиот јазол во високото образование, за да имаме реални дипломи и поквалитетни стручњаци?

Мицкоски: Секако дека мораме да вложиме многу во образованието. Нам не ни треба кванитет туку кваалитет. Недозволиво е Македонија да не постои на Шангајската листа за квалитет на високонаучните образовни установи и да нема ниту еден Универзитет во првите илјада во Светот. Затоа имам план да инвестираме во вредност од не помалку од една милијарда евра во образованието. Инвестиции во образованието за најмладите од претшколска возраст. За студентите, реновирани студентски домови и најмалку еден универзитет на Шангајската ранг листа. Мораме да ги подобриме и условите за работа на наставниот кадар и да се вреднува нивниот труд.

Како премиер дали сте спремен да соработувате со Пендаровски, кој беше избран за претседател по предлог на СДСМ?

Мицкоски: Спремен сум да соработувам со секого кога тоа е во интерес на мојот народ и на мојата земја, воедно и од другата страна Пендаровски потребно е да се покаже вистинска волја и интегритет да излезе од криминалната матрица на оној чија кариера му ја должи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.