Првата работа што ќе ја направам е да подадам рака за соработка кон опозицијата, рече во вчерашното обраќање Стево Пендаровски и не ја покани опозицијата на својата инаугурација.

Денеска е првиот работен ден од петгодишниот мандат на новоизбраниот претседател во „Вила Водно“.На вчерашната инаугурација во Собранието, Пендаровски рече дека ќе биде претседател на сите граѓани, и на оние кои гласаа за него, и на оние кои гласаа за неговите противкандидати, како и на оние кои не излегоа на гласање.

Првата работа што ќе ја направам е да подадам рака за соработка кон опозицијата, рече претседателот Пендаровски на инаугурацијата, додавајќи дека време е да почне граѓанското помирување зашто немаме резервна татковина која можеме да ја наречеме наш дом.

Шефот на државата најави дека ќе се бори против поделеноста во општеството, дека ќе ги штити правата на политичкото малцинство, дека максимално ќе се заложи за довршување на полноправното членство на земјава во ЕУ и НАТО, како и дека посебно внимание ќе посвети на меѓуетничките односи.

Но, лидерот на најголемата опозициска партија не беше удостоен со повик или покана за свечената седница.

Досега до претседателот Мицкоски нема упатено покана за присуство на денешниот настан. Претседателот Христијан Мицкоски денот ќе го помине стандардно, со утринска прошетка и искачување на Водно, потоа продолжува со работни ангажмани во седиштето на партијата, каде има однпаред закажани средби и состаноци. А, попладне ќе биде со своето семејство, рекоа вчера од ВМРО-ДПМНЕ.

На свечената седница во Собранието присуствуваа претседателите на Србија, Бугарија, Албанија и Косово, министерот за надворешни работи на Црна Гора, Срѓан Дармановиќ, шефот на грчката дипломатија Јоргос Катругалос, високи делегации на Турција, Полска и Словенија, пратеници, владини функционери и дипломатски претставници.

На инаугурацијата не присуствуваше ни премиерот Зоран Заев, кој баш во овој момент се одлучи да прави тура со својот мотор и зеде неколку слободни денови.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.