Двете деца од  струмичката градинка, кои беа регистрирани позитивни на Kовид-19, најверојатно вирусот го добиле во градинката.

И покрај првичните тврдења дека овие два случаи немаат поврзаност со прво заразеното дете, епидемиолошките анкети кои беа завршени попладнево го покажале спротивното.

Надлежниот епидемиолог др Мери Николова Гичева вели дека новозаразените деца, сепак, имале контакт со првиот потврден случај. Според направените анкети ниту еден член од семејствата на двата нови случаи ниту бил позитивен ниту пак имал контакт со лице позитивно на корона вирусот.

Претходно, директорот на градинката информираше дека според нивните првични информации кои ги добиле од надлежните институции трите случаи не се поврзани.

Првиот случај на корона вирус во струмичката градинка беше потврден во четвртокот. Детето градинката ја посетувало само три дена, а вирусот го добило од член на неговото семејство. Поради ова целата група од 11 деца и тројца од вработените заминаа во изолација.

Оваа ситуација беше една од причините поради која  во петокот околу 20% од запишаните деца не беа донесени на градинка.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.