Денеска со многу убаво мнозинство помина ратификацијата на Протоколот за членство во НАТО во Комисијата во францускиот Парламент и се очекува утре да помине на пленарна седница. За Шпанија не би сакал да ги ставаме баш под лупа, се разбира дека има огромна политичка волја и таа последна ратификација да се финализира за конечно НАТО да добие 30-та земја членка – изјави денеска во Брисел шефот на дипломатијата Никола Димитров.

Димитров учествува на состанокот на шефовите на дипломатиите на земјите-членки на Алијансата, што претставува последна подготовка за лидерската средба на Североатланскиот пакт што ќе се одржи во Лондон на 3 и 4 декември.

Мислам дека е неблагодарно сега да прогнозираме кога ќе формираат влада, иако тие имаат автентичен изворен интерес тоа да го направат побрзо. Битно е дека сме тука, учествуваме во работата веќе како да сме членка – порача Димитров.

Рече дека ги видел просториите на идната мисија на Република Македонија во Алијансата и, како што рече, околу нас е Секретаријатот на Алијансата и имаме стратешки поглед на главниот влез на Алијансата.

Ова е мое второ учество како поканета земја во својство на министер за надворешни работи, првиот ми беше во април на роденденот на Алијансата во Вашингтон. Тука сме да разговараме за темите за коишто се актуелни во НАТО, безбедноста 360 степени, рамноправно споделување на товарот во смисла и на финансии и на учество во мисии, геополитичката ситуација во светот и односите со другите актери, справување со хибридни закани. Овој министерски состанок е пред се во насока на лидерскиот состанок на 3 и 4 декември во Лондон и во таа смисла ќе разговараме за финалната изјава што ќе излезе од лидерите на 4 декември во Лондон – истакна Димитров.

Најави дека ќе оствари повеќе билатерални средби меѓу кои и со францускиот министер за надворешни работи Жан-Ив Ле Дриан, како и со многу други, меѓу кои и со новиот заменик на генералниот секретар Мирчеа Џоана, за кого рече дека е долгогодишен пријател на македонската приказна.

Во врска со тоа како во Брисел поминува предлогот на Франција за редефинирање на преговарачкиот процес, рече дека синоќа околу тоа прашање имал неколку разговори со министри од земјите членки кои беа на Советот за општи работи.

Состанокот поминал во добра атмосфера, има апсолутен консензус дека местото на сите земји од Западен Балкан е во ЕУ како членки и мислам дека на пат сме наместо едни наспроти други земјите да работат заедно да создадеме услови за успех и наш, и на регионот и на Европската унија. Со тоа што мислам дека треба повеќе да работиме, а помалку да ветуваме – посочи Димитров.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.