Српското Министерството за надворешни работи денеска му врачи протестна нота на македонскиот амбасадор во Белград, по повод печатењето и објавувањето на поштенска марка на која се наоѓа географска карта на фашистичката Независна држава Хрватска (НДХ), соопштија од министерството.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, српското МНР побара спорната поштенска марка веднаш да се повлече од оптек и нејзинот печатење и објавување да биде осудено од Владата на Македонија.

Министерството за надворешни работи на Република Србија го искажува својот најостар протест против печатењето и објавувањето на поштенска марка со географска карта на фашистичката Независна држава Хрватска, во која се вклучени делови од Република Србија се до Белград, делови од Црна Гора и цела Босна и Херцеговина, а чие споменување евоцира спомени на граѓаните на Република Србија и на српскиот народ како целина во најтемниот период во поновата историја. Ваквите обиди за историски ревизионизам грубо ги нарушуваат билатералните односи меѓу Република Србија и Република Македонија, како и соработката и стабилноста во целиот регион, се наведува во протестната нота на српското МНР.

Во нотата се додава дека објавувањето на ова марка, на Денот на победата над фашизмот, се сфаќа како непријателска провокација насочена против територијалниот интегритет и суверенитет на Република Србија, како и навреда за целиот српски народ, кој во концентрационите логори на истата НДХ, страдаше со стотици илјади за време на Втората светска војна.

Министерството за надворешни работи на Република Србија бара спорната поштенска марка веднаш да се повлече од оптек, како и нејзиното печатење и објавување најостро да се осуди од страна на Владата на Република Македонија, во спротивно, Министерството за надворешни работи на Република Србија ќе преземе понатамошни чекори за да ги заштити интересите на Република Србија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.