Вработените и студентите на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет за утре, вторник, најавуваат протест пред зградата на Институтот за хемија.

Во соопштението тие посочуваат дека протестот го организираат поради незадоволство од условите за работа и студирање, кои во последниве десетина години стануваат сè полоши и го доведуваат во прашање нормалното реализирање на високообразовната и научноистражувачката дејност на Институтот.

-Институтот за хемија се гордее со своето реноме на врвна високообразовна и научноистражувачка институција што е потврдено со сите параметри за оценка на овие достигнувања, но тоа веќе е неодржливо заради немање неопходни човечки и материјални услови за реализација на наставата и на научните истражувања, се вели во соопштението.

Според најавите на протетот ќе бидат упатен апел за исполнување на неколку барања:

– да бидат итно одобрени барањата за вработување на млади соработници од надлежните министерства за ублажување на катастро- фалната состојба со подмладок на Институтот за хемија за да може да се реализира практичната настава;
– во буџетот за следната година да бидат предвидени средства за реновирање и опремување на студентските лаборатории, како и средства за реновирање на зградата на Институтот постапно во следните неколку години;
– во буџетот да се предвидат средства за финансирање на научноистражувачки проекти во кои, покрај средства за работа во лабораторија, ќе биде вклучена и поддршка за млади истражувачи (школарина и стипендија за магистранти и докторанти).

-Вработените и студентите на Институтот за хемија ќе продолжат, како и досега, вредно да работат на своето усовршување, но и понатаму ќе инсистираат на обезбедување на најдобри услови за тоа. Нашата цел е студирањето хемија и научните истражувања кај нас да бидат на ниво споредливо со светските универзитети, а квалитетното образование и наука да бидат врвен приоритет на државата без оглед на моменталната политичка состојба и гарнитура на власт, се наведува во соопштението на вработените и студентите од Институтот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.