Пропаднаа разговорите меѓу Беса и премиерот Зоран Заев за поддршка на уставните измени, потврдија за „Плусинфо“ учесници во разговорите.

Од Беса велат дека дефинитивно нема да гласаат за уставните амандмани доколку Заев не го прифати нивниот предлог. По ова, незивесно е и дали утре ќе продолжи собраниската седница за уставните измени, која претседателот на Собранието Талат Џафери ја закажа за 12 часот.

Според наши извори седница ќе има ако премиерот Заев успее да убеди уште еден пратеник (оти толку фали) од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, за да има двотретинско мнозинство за уставните измени. Има варијанат Џафери да ја продолжи седницата оти прво треба да се гласа текстот на уставните амандмани, за кои е потребно 61 глас. По ова седницата да се прекине и повторно да продолжи кога ќе се обезбеди двотретинско мнозинство.

Извори од преговарачите велат дека по вечерашното фијаско, нема најава за повторна средба на Беса и премиерот, односно дека ќе се чека утре до 12 часот, и како што велат „ако има ќе се гласа, ако не толку е“.

Од Беса велат дека вечерва Заев го одбил предлогот кој вчера самиот го понудил како можно решение за договор. Предлогот бил „за граѓаните од албанската етничка припадност, во прописите и другите акти на државните органи државјанството на македонски јазик ќе гласи „македонско/граѓани на Република Северна Македонија” на албански јазик ќе гласи „eMaqedonisë/qytetar i Republikës së Maqedonisë Veriore” и на англиски „macedonian/citizen of Republic od North Macedonia”.

– Ова вчера беше нивна понуда како можно решение. Ние побаравме да се консултираме. Денеска се согласивме да го прифатиме тој предлог, но Заев одби. Образложението е дека тоа е неприфатливо за осумте пратеници од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, дека ќе ги изгуби нивните гласови. Ние нема да гласаме за уставните амандмани ако Заев не го прифати предлогот – вели за Плусинфо функционер од Беса.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.