Замката со амнестијата, за која премиерот во заминување се држи како сламка за спас, славно пропаѓа. И по 48 часа, ниту Зоран Заев ниту СДСМ не се одзваа на повикот на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој од нив јавно побара да се согласат на законски измени со кои амнестирани политичари нема да може да се занимаваат со политика и да не може да се амнестираат луѓе кои обавувале јавна функција и имале политичка позиција, а кои се огрешиле со законот.

Мицкоски веднаш посочи дека темата со амнестијата е измислена од власта, наметната со типично удбашки методи.

Ова тука не е политика, туку валкана игра на шака криминалци, и разно разни провладини организации кои свесно или несвесно се налепија на оваа измама. И секој кој има дилеми нека се запраша една едноставна работа, како е можно Уставниот суд да не изгласа и расправа за ниту една иницијатива поврзана со СЈО, или како е можно цели три години оваа инцијатива да се држи во фиока, а токму сега на неколку месеци пред избори, во време кога власта е жива фатена во скандали и криминалии сето ова да стане тема во јавноста и да се стави на дневен ред. Јас ја знам вистината, а тоа е стравот на Заев од пораз на изборите и соочување со одговорноста. Заев и СДСМ ја наметнуваат темата за Уставен суд, затоа што прават подготовка на терен за некоја идна аболиција на Заевци и луѓето од власта која треба да се испорача од Пендаровски, а кои се плашат од одговорноста за аферите сега, како и еден вид задоцнета испорака од власта за услуги кај дел од луѓето, добиени за чекорите превземени во изминатите месеци. Но треба да знаат сите до еден од власта, оние вмешани во Рекет 1, 2 па и во наредните продолженија, аферата „Кеш“, оние во криминалните тендери и афери, и сите оние кои сега или порано се огрешиле спрема законот дека јас аболиција не поддржувам и компромиси со правдата не правам. Темата со Уставниот суд покажува дека мора да има механизми за заштита од злоупотреба на амнестијата како алатка. Бидејќи јас не може да зборувам за принципи во политиката, а кога ќе станува збор за правдата да виткам кичма како Заев, тоа од мене не треба никој да го очекува, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Друг предлог од кој премиерот во заминување се подлабоко се пика во глувчешка дупка е нов закон за проверка на имотот на политичарите, судиите, обвинителите и сите што работат во служба на народот.

Ако ова не биде прифатено од страна на Владата и Заев овие две одлуки ќе бидат реализирани во првите сто дена од новата влада на ВМРО-ДПМНЕ, после предвремените парламентарни избори на 12 април. Мораме да одиме напред, и да ставиме крај на криминалот и корупцијата. Борбата против криминалот не смее да има компромиси, посочи Мицкоски.

Што е она од што бега Заев? Или поточно – што има премиерот во заминување да крие?

Можеби тоа што од просечно земјоделско семејство стигна да вреди неколку милиони евра или тоа како го изгради „Глобал“ за што беше амнестиран, како семејниот возен парк вбројува „бентли„ и „мајбах“ или, пак, како судот го ослободи, поточно го амнестираше од случајот „Поткуп“ каде бара мито за што има и видеодокази.

Во анкетниот лист на премиерот во заминување даден во Државната комисија за спречување на корупција, тој на личен имот наведува само 4,3 милиони денари (околу 70 илјади евра), додека сè останато е на име на неговата сопруга, родителите и децата.

Во меѓувреме, реалната состојба е дека во Македонија 50% од бизнисот со марихуана е во рацете на Заев, неговите братучеди и пријателите, а тој се обиде Законот за контрола на опојни дроги во Собрание да го донесе под европско знаменце.

Овој е само еден од огромниот број други примери за тоа како во три години премиерот во заминување и неговата власт успеа да нареди сè во полза на свое лично и обогатувањето на неговите најблиски, притоа газејќи врз сè македонско.

Тогаш зошто баш сега и зошто баш вака се инсистира на Законот за амнестија?

Поттикнувајќи ја расправата за законот за амнестија Заев сака само да мобилизира гнев и да ја дефокусира јавноста, но наиде на две пречки од Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ претставени во предлозите за Законот за амнестија и Законот за проверка на имот.

Заев и понатаму нема да одговори на овие барања. Заев е свесен дека доколку ги прифати, не само што ќе замине од премиерската позиција, нешто што е сè поизвесно, туку и ќе замине во неповрат и неговата политичка кариера, можеби и слободата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.