Професорка со отворено писмо до Забрчанец: Ве молам земете го мојот дневник, плата од едвај 23.000 и влезете во мојата училница на час

Македонија 02.09.2019 / 11:54

Советникот на Заев, Марјан Забрчанец со својот фејсбук статус предизвика лавина реакции.

Во септември 2018 година просветарите добија покачување на платите за 5%. Во септември 2019 се активира ново покачување за уште 5% или вкупно раст на платата за 10.8% во споредба со пред една година. Владата и СОНК разговараат за нови покачувања во 2020 година. Која е причината да се штрајкува при раст на плати? Која е причината децата да страдаат додека растат платите во образованието?, напиша на Фејсбук владиниот советник за односи со јавност во Кабинетот на премиерот, Марјан Забрчанец.

На ова со отворено писмо се обрати професорката по филозофија и наставник по Етика и Граѓанско образование во Основото училиште „Владо Тасевски“ во општина Карпош, Симона Петковска Илиеска.

Во ситуација на екстремно поделено синдикално членство, кога голем број наставници се надвор од единствениот репрезентативен синдикат, штрајкот на просветните работници е само фарса.

СОНК никогаш чесно не ги застапувал интересите на професорската фела. Секогаш, во последен момент успевал да се „договори“ со власта (која и да е) за наводен достоинствен третман на наставниците. Така, сите досегашни обиди за штрајк пропаѓале со договор за кој наставниците ништо не знаеле.

СОНК, со овој претседател нема кредибилитет и тоа е факт. Затоа и огромната разочараност на фелата во овој синдикат, до степен на целосно пасивизирање и пуштање работите сами да се тркалаат.

Како просветен работник засегнат за иднината на ова, можеби најважно прашање за иднината на оваа земја особено ме заинтригира ставот на портпаролот на Владата, Маријан Забрчанец.

Го читам како се прашува… „која била причината децата да страдаат“ (мислејќи при тоа на штрајкот на првиот училишен ден), „додека растат платите во образованието“.

Да му одговорам, истовремено размислувајќи дали го читам Протогер од пред неколку години или оној млад полетен борец за граѓански права.

Господине Забрчанец, децата нема да страдаат ако видат дека нивните професори се борат за своите права и од тоа ќе научат многу повеќе за себе, демократијата и граѓанскиот активизам, отколку било кога на предавање во училница. Но имам еден предлог за Вас.

Ве молам Забрчанец, утре земете го мојот дневник, секако и мојата месечна плата од едвај 23.000 ден и влезете во мојата училница на час по Граѓанско образование или можеби Етика ако Ви е помило.

Би сакала да се чувствувате достоинствено и на моите екстра паметни ученици да им го објасните правото на штрајк кое е Уставно загарантирано и толку моќно и важно, што никој не смее да се дрзне да им го одземе. Пробајте да ги научите на важноста и моќта на синдикализмот во борбата за работнички права.

Една добронамерна сугестија која ќе Ви биде од корист…спремете се добро за многу мудри прашања од тие мали главчиња господине Забрчанец. Може да Ве прашаат незгодни прашања како… „А зошто Вие професоре не се борите за своите права?“.

Размислете што би им одговориле.

Можете да им предавате и медиумска култура, ако тоа ви е поголем фах. Објаснете им што е тоа релативизирање и при тоа посочете го Вашиот пост на ФБ како пример за тоа. Навистина која е причината за штрајк во образованието при постојан раст на платите, кои патем се далеку под републичкиот просек.

(П.С: Интернетот во училница ми е слаб. Не знам дали ќе можете да го направите часот поинтересен за децата со внесување некоја ИКТ содржина во Вашето предавање)

Сите влади досега, го урнисавте образованието до степен на непрепознатливост, а требаше да ви биде прв приоритет.

Ќе бидеме на дното се додека политиката не ја тргнете надвор од училиштата и додека не кажете „Благодарам учителу, јас сум тоа што сум благодарение на Вас“.

Дотогаш Забрчанец Ви посакувам успешно реализиран час, пишува професорката во отвореното писмо до Забрчанец.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


Comments are closed for this post.