Независно од причината за палењето, доколку ѕидовите на модуларната болница не биле од ПУР пена, туку биле почитувани препораките на Здружениот истражувачки центар на Европската комисија, според кои ковид-болниците со висока концентрација на кислород треба да се градат според стандардите за хемиски фабрики, немало да дојде до ширење на пожарот, потенцира професорот Дејан Трајковски од Техничкиот факултет на битолскиот универзитет по објавувањето на Извештајот од извршено вештачење на траги од пожарот во Модуларната ковид болница во Тетово, изработен од Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења при Министерството за внатрешни работи.

Ви ја пренесуваме неговата анализа во целост:

Во извештајот за пожарот во модуларната болница во Тетово се вели: „Со вештачењето се утврдува дека пожарот настанал како последица од ЕЛЕКТРИЧНА КУСА ВРСКА преку ВИСОК ПРЕОДЕН ОТПОР во приклучниот кабел на дефибрилатор со кој се вршела реанимација на пациент во една од болничките соби. Прегревањето на кабелот предизвикало палење во приклучната кутија од продолжителниот кабел на кој бил приклучен дефибрилаторот, полнач за мобилен телефон и уште еден апарат“. Истото и самиот го изнесов како претпоставка уште кога се случи пожарот, дека кај дефибрилаторот и кабелот најпрво би ја барал причината за пожарот.

Инаку, куса врска (нула ома) и висок преоден отпор (многу оми) се поими кои взаемно се исклучуваат. Можеби се мисли дека имало висок преоден отпор во контактот помеѓу утикачот и утичницата, поради што се истопила изолацијата на спроводниците во утичницата, па тоа предизвикало куса врска и понатаму палење на кабелот. Исто така, ако настанала куса врска можно е да се запалила и инсталацијата во ПУР пената од ѕидот. Но, во двата случаи, при куса врска осигурачите би требало да исклучат моментално, под услов да биле исправни.

Можно е продолжителниот кабел да бил неисправен (на пазар се продаваат неквалитетни турски и кинески продолжни кабли со тенки спроводници и тенки, лоши контакти), но прегревањето настапува постепено, сигурно утикачот бил топол на допир и морало да се почувствува мирис на изгорен бакелит пред да се запали. Наједноставно било да се исклучи утикачот од утичницата при појавата на таков мирис, но веројатно на персоналот тоа не му било јасно во тој момент.

Во секој случај доколку продолжниот кабел бил исправен (изработен според стандарди), електричната инсталација во ѕидот била исто така изработена според стандарди, а осигурачите исправни, немало шанси да се случи запалување на кабелот, дури дефибрилаторот да бил неисправен и да повлекол премногу струја. Високи преодни отпори не можат да се појават во исправен продолжен кабел.

Заклучок 1: никогаш не купувајте евтини продолжителни кабли од пазар.

Можно е уште нешто. Дури и исправен продолжителен кабел, ако со него се ракува невнимателно, се тргаат утикачите без да се држи утичницата, се мавта и увртува кабелот, можно е да се оштети изолацијата од спроводниците и да настапи куса врска. Затоа, најдобро е воопшто да не се користат продолжителни кабли и сите уреди да се приклучуваат директно во утичниците во ѕидот.

Понатаму, не се кажува каков бил тој трет апарат, покрај дефибрилаторот и полначот за мобилен телефон. Што ако била греалка, која влече десетина ампери струја, што е премногу за евтините продолжителни кабли?

Инаку, речиси невозможно е самиот дефибрилатор да повлече голема струја. Во него постепено, а не импулсно, во тек на 5 s се полни еден голем кондензатор (се складира енергија од 200 J за електро-шок), односно уредот не влече претерано голема електрична струја. Лесно се пресметува: енергија од 200 J во тек на 5 s одговара на средна моќност од 40 W, односно 0,2 A на 220 V, што е помалку од обична светилка. Гледаме на филмовите, додека трае полнењето, се слуша звук со растечка фреквенција, што откако ќе се изгуби, кажува дека уредот е подготвен за дефибрилација (празнење на кондензаторот, односно електричен шок).

Заклучок 2: практично е невозможно исправен дефибрилатор да повлече јака струја која на преодните отпори во утичницата би предизвикала загревање и палење. Такво нешто можела да предизвика само греалка.

Но, можно е нешто друго, што нема врска со продолжителниот кабел. Во случај на големи преодни отпори на кожата (сува кожа), напонот на контактните перничиња може да се искачи до 1000 V, што понекогаш предизвикува изгоренци од прв или втор степен. Дали тоа загревање, евентуално палење на влакна на градите, можело да се пренесе на чаршавите и понатаму да предизвика пожар? Тоа можат да го каже само докторот кој ја вршел реанимацијата.

Независно од причината за палењето, доколку ѕидовите на модуларната болница не биле од ПУР пена, туку биле почитувани препораките на Здружениот истражувачки центар (Joint Research Center – JRC) на Европската комисија (EC), според кои ковид-болниците со висока концентрација на кислород треба да се градат според стандардите за хемиски фабрики, немало да дојде до ширење на пожарот. Несереќен сплет на околности, но истовремено опомена дека истото може да се повтори во преостанатите модуларни болници со ѕидови и тавани од ПУР пена.

Проблемот останува и катастрофата само чека повторно да се случи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.