Во вечерашното издание на дебатната емисија „Што не е јасно?“ гостуваше проф. Наташа Котлар Трајкова која зборуваше за односите помеѓу Република Македонија и Релублика Бугарија, негирањето на ликот и делото на Гоце Делчев, како и владините отстапки во однос на националниот идентитет и заштитата на македонските интереси.

Котлар потенцираше дека славењето на Гоце Делчев и доделувањето на наградата Гоце Делчев не смее никогаш да биде под знак прашалник или пак да се потисне премолчувајќи го големиот ден посветен на најголемиот македонски деец. Таа додаде дека Гоце Делчев многу пати низ историјата велел дека е Македонец и дека самиот тој се борел за Република Македонија и никој друг, и токму поради тоа властодршците во Македонија не смееа да дозволат 4-ти мај да остане неодбележано.

„Гоце Делчев е човек кој потекнува од Кукуш, а Кукуш е средиштето на македонската преродба. Сите луѓе кои што биле значајни во македонската преродба, поминале низ Кукуш. Зрачењето на тој град не е случајна, бидејќи самата судбина на Кукуш е значајна и вредна поради тоа што тоа бил центарот на движењето на идејата за слободна Македонска држава. Ако Делчев сметал дека требало да има поврзаност со некоја друга држава, во овој случај Бугарија, тогаш Делчев ќе го кажел јасно тоа, исто како што го кажал за Република Македонија“, вели Котлар Трајкова.

-Историјата на Република Македонија е прифатена од мнозинството земји во светот. Исто така признаено е и уставното име Република Македонија. Не може една земја која што има проблем сама со себе да ја изменува историјата на една држава, бидејќи таа историја е поткрепена со факти кои се запишани и датираат од многу порано, вели Котлар и додава:

Несомнено Гоце Делчев е човекот кој заслужил македонскиот народ да ги слави датумите поврзани со него, бидејќи тој е деецот врз чија личност почива македонската државност и историјата на Република Македонија. Не смее никогаш повеќе да се дозволи пропустот кој оваа власт свесно го дозволи, потиснувајќи ја сопствената историја.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.