Во овие триесет години сме сведоци дека политиката е многу повеќе присутна од пред 1991 година. Ако претхондите политичари, во социјализмот, тоа го правеа за афирмација на македонската нација, идетитет, јазик и култура по социјалистички терк, денес имаме состојба кога премиерот на државата е главен маг во однос на историската наука. Тој политички ги дава смерниците каде и како таа треба да се движи и вели дека тие нема да имаат влијание на работата на комисијата. Ви се молам, кого тоа он прави недоветни?!

Ова во авторски текст за Пресинг ТВ го пишува проф. д-р Тодор Чепреганов. Без никакви интервенции текстот го пренесуваме во целост.

Во овие 70-ет години македонска историографија може слободно да кажеме дека истата има постигнато завидни резултати во однос а истражувањата и опус на објавени монографии за секој период од историјата. Несомнено, истражувањата треба да продолжат затоа што постојат периоди, кои сеуште бараат истражувања и анализи. Сигурто дека и во периодот од осамостојувањето и независноста политиката се обидуваше да дава смерници на историската наука. Во тој контекст и еден број на списанието „Гласник“ беше со статии од политичари, кои пишуваа за одредени теми од историјата на Македонија.

Но, по 1991 година, во самостојна и независна македонска држава, сметавме дека тоа време е поминато. Меѓутоа, за жал, во овие триесет години сме сведоци дека политиката е многу повеќе присутна од пред 1991 година. Ако претходните, во социјализмот, тоа го правеа за афирмација на македонската нација, идетитет, јазик и култура по социјалистички терк, денес имаме состојба кога премиерот на државата е главен маг во однос на историската наука. Тој политички ги дава смерниците каде и како таа треба да се движи и вели дека тие нема да имаат влијание на работата на комисијата. Ви се молам, кого тоа он прави недоветни?! За да се задоволат одредени политички аспирации на одредена политичка елита имаме обид за ревизија на македонската историја.

Тоа гледаме дека се прави полека и суптилно. Она што ќе го каже премиерот, по извесно време се презема од партократијата и стаува употребливо. Навистина, тој почнува да не просветлува. Како ие до сега сме биле во голема заблуда. Се што сме работеле е фалсификат. Незнаење. И сега се појави тој и ја поставува методологијата која треба да се следи и да се пишува историјата на македонскиот народ. А, самиот не е свесен дека тоа што сака да го направи е невозможна мисија. Може да биде возможна само кај неговите партијци, кои за жал, од лукративни причини, го аминуваат. Мислам дека по промената на името, тој е во состојба да промени се.

Сигурно дека формирањето на македонската држава беше долг процес во кој голема улога одиграла колективната меморија. За овие 30 години од формирањето на македонската држава, македонската историографија објави значајни монографии и капитални дела како: Историја на македонскиот народ во три и пет тома; Македонски историски речник и др. Ако сме ја надоградувале сопстеваната колективна меморија последните 70 години, денес сме сведоци дека во самостојна, независна македонска држава имаме тендеција, и тоа од политичари, на ретрограден процес да ја промениме во името на „подобра европска иднина“, односно да се направи историски инженеринг на колективната меморија или она што се бара со бугарскиот договор дека ние во суштина сме „Бугари“, кои преку пропаганда го изгубиле своето бугарско национално чувство и денес, со уценувачката политика на Бугарија за започнување на пристапните преговори за влез во ЕУ, тоа можат да го постигат.

Во годините по осамостојувањето на Р. Македонија, станавме сведоци кога скоро секојдневно имаме политичар, кој се јавува да ги толкува историските настани и личности, без притоа да има било какво познавање на истите или да прочитал нешто за истите. За кажаното не сносат никакви последици и одговорност, туку уште и настојуваат тоа да го реализираат и покрај фактот што историски се далеку од вистината. Уште пред потпишувањето на „договорот за добрососедство, пријателство и соработка“ со Бугарија, тогашниот градоначалник на Струмица, Зоран Заев, го навести мешањето на политиката во историјата кога со брусалка го избриша зборот „бугарски“ од споменикот подигнат во чест на Благој Јанков-Мучето на кој стоеше дека истиот е убиен од „бугарски фашистички куршум“, па остана „фашистички“, што дава можност за разни шпекулации, и тоа постојано го повторуваше како негов придонес за добрососедските односи со Бугарија. На таа „брусалка историја“, за жал, не реагираше никој. А, тоа, знаеме сите, е сквернавење или вандализам на споменикот, што е казниво со закон.

Ајде да се собереме и да отидеме да избришеме или напишеме нешто на некој споменик. Полицијата ќе не притвори. Но, премиерот се поставува над законот. Понатаму, во својство на премиер Зоран Заев ќе изјави дека „дека голем дел од историјата“ со Бугарија „е заедничка и дека во македонските учебници ќе биде променето се она што не е во новиот дух на соработка помеѓу двете држави“ и дури дека „ние сме братски народ, ние сме един и с,шт народ“. Тоа е фрлено во „арената“ и еве до сега, чекор по чекор, се оди кон конечното обезличување. Уште нешто, каде политиката ги „меша“ своите прсти во историјата. Односно, дека треба да имаме заедничка историја т.е. бугарска. Она што е интересно е фактот дека во тој обид за креирање на нова колективна меморија орото го водат политичарите, и тоа не кој, туку во моментот премиерот и неговата камарила.

Еве уште еден пример каде политиката доминира во однос на историјата. Молкум, ај да не речам тајно се промовираше откривањето на споменикот а бугарскиот полковник Константин Каварналиев со полагање цвеќе на премиерите на Македонија и Бугарија на 1 август 2019 година. Споменикот кој што бил направен во 1913 година бил отстранет во 1966 година. Прашањето е каква е заслугата на Каварналиев за Македонија и македонскиот народ? А, се борел за својата татковина, Бугарија. Обидот тоа да се направи во времето кога претседател беше Бранко Црвенковски заврши со неуспех. Црвенковски побара мислење од ИНИ и по образложението тоа беше одбиено. Исто така, во врска со обновувањето на бугарските гробишта му беше сугерирано дека таму се погребани и македонски војници во бугарската војска, а не бугарски војници.

Тогаш политиката ја послуша науката. Но, еве денес според народната:  Кој чека, ќе дочека. Се јави јунак и историјата ја претвори во политика и пазар за задоволување на интересите на туѓа држава. Сигурно дека политичките сигнали не може да немаат влијание врз историчарите. Тоа го потврдува самиот факт што само неколку историографи се јавуваат јавно да го искажат својот став, а поголемиот дел од ив се во кожурец, молчат. А молчење значи прифаќање. Свесни сме дека имаме повеќе реакција од обичниот народ, отколку од историчарите. И затоа мислам дека политографијата, кога политичарите ја преземаат палката на историската наука, е доминантна во Македонија во овие триесет години, повеќе или помалку.

Дали се слуша историската наука? Ниту се слуша, ниту пак таа реагира како што треба. Се остава впечаток како таа да го одобрува она што го зборуваат политичарите. И покрај фактот што се напишани стотици трудови од страна на историчарите во кои се разгледува историјата на македонскиот народ од сите аспекти, сепак политиката воопшто не се осврнува на тоа, туку едноставно сето тоа го апстрахира и си тера своја историја, своја агенда. Ние, како историографи, со исклучок на еколкумина, сме неми посматрачи на сите промени т.е. ревизии, кои се прават од страна на политографите. Ќе ја менуваме нашата меморија и ќе и правиме ревизија на бугарската.

Еве, премиерот излезе со нов „бисер“, ќе се бришело бугарски пред терминот фашистички, бидејќи, според него, фашизмот нема етничко потекло, тоа било говор на омраза. Уште повеќе што и претседателот на македонската комисија за образовни и историски прашања, кој, за жал, е доктор по историски науки, изјави дека и тој смета дека Бугарите не биле фашисти. Без коментар! Па и комунизмот нема етничко потекло. Тоа е идеологија. Се прифаќа од одредена земја и таа живее во рамките на таа идеологија. Како Заев да ја открил Америка. Замислете, ние до сега тоа не го знаевме. Сите кои пишувале до сега за бугарски фашисти „ширеле омраза“.

Вчера премиерот излезе пак со друг бисер. Македонците биле соработници а фашистите. Па, благодарност на Заев за тоа што уште еднаш не просветли. Да не се крие зад ова уште една негова мамка? Да не случајно сака да каже дека македонските фашисти ги извршија сите злосторства во Македонија?! Почитувани, ова е резултат на тотално незнаење и полтронство и немање самопочит кон себе си и кон историјата на сопствениот народ. Со овие негови мантрања дали ќе мораме да ја менуваме реториката во однос на Холокаустот?

Дали ќе пишуваме дека во Македонија фашистите ги собирале Евреите и ги испратиле во логорот Треблинка?-прашува професорот

Поголем фалсификат нема да постои. Имео, Холокаустот не го извршија фашистите. Холокаустот е дело на нацистите. И мора да има етнички предзнак дека го извршиле германските нацисти и бугарските наци-фашисти. Со тоа се прави дистинкција и станува многу појасно кои се тие. Дали сите фашисти во светот треба да се обвинат за Холокаустот во Македонија? Не, тоа се бугарските наци-фашисти. Јасно и гласно. Се друго е фалсификат. Евреите од делот на Македонија, кој беше под бугарска фашистичка окупација бегаа во делот на Македонија, кој беше под италијанска фашистичка окупација или во Албанија. И беа спасени.

Холокаустот е германско и бугарско наци-фашистичко дело, од тоа нема бегање. Бугарите како дел од наци-фашистичката коалиција се соучесници и одговорни за едно од најголемите злосторства во историјата на човештвото. Тоа не е говор на омраза, тоа е чист, како слоза, факт, само политичари кои имаат политички интереси, кои се краткотрајни, може да сметаат дека фашизмот нема етнички предзнак.

Денешните македонски политичари, на чело со премиерот, колку и да сакаат тоа да го променат, ќе заврши со неуспех. Историјата не може да ја менуваме, туку да ги толкуваме фактите, согласно научна историска методологија заснована на оригинална архивска документација.

Уште нешто, во сите зборници на документи објавени во Бугарија од бугарски историчари пишува дека БКП се бори против нивното бугарско „фашистичкото правителство (влада) на Филов и Борис III“. И сега ние треба да им кажеме на Бугарите дека тоа не е точно. Вие не сте фашисти, тоа сме ние Македонците! Вие сте хуманисти и „администратори“ и „ослободители“! Премиерот не знае, а треба да го брифираат дека во текот на Втората светска војна во Македонија постоеја бугарски фашистички и нацистички организации како „Браник“ во која присилно беа принудувани да влезат македонските средношколци. Исто имаше контрачети, кои беа финансирани од Бугарите, за борба против партизаните. Ова по се ми изгледа дека се настојува вината се она што се случило во НОВ да се префрли на Македонците како фашисти и нивни соработници.

Овде би ги спомнал: убиството на Борис Џонов ќе треба да биде претставено како да го извршиле македонските фашисти или стрелањето на децата во Ваташа, потоа Дабничкото клање, Вера Јоциќ, Страшо Пинџур, Васил Антевски-Дрен, Мирче Ацев, Страшо Пинџур, Невена Георгиевска-Дуња и др.

Прашањето е каде одиме? Кон  тотално обезличување и креирање на нова историја креирана од политографи со аминување на историчарите! Ќе се доведеме во сдитуација да не знаеме кои сме и што сме. Се враќаме во 19 век кога започпнува борбата за еманципација на македонизмот. Политичарите ни ја креираат новата колективна политичка меморија. Светски преседан.

Сигурно дека во наредниот период ќе бидеме сведоци на вакви бисери од политичарите. Но историјата, нејзината методологија, која не ја почитуваат, еден ден ќе ги испрати таму каде што и припаѓаат-на буништето на историјата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.