Претседателот на Владата Зоран Заев денеска имаше средба со амбасадорка на Кралството Шведска Кристин Форсгрен Бенгтсон, на која му предала писмо од шведскиот премиер Стефан Лофен со честитки за неговото повторно именување на премиерската позиција и во кое е реафирмирана поддршката од шведската Влада за европските интеграции, како и определеноста за унапредување на билатералната соработка помеѓу двете држави.

Како што соопшти владината прес-служба, на состанокот е констатирано дека продолжуваат напорите и на оваа Влада за развој на нашата земја, преку имплементацијата на важните реформи за граѓаните и државата, при што е нагласена важноста на борбата против криминалот и еднаквоста меѓу граѓаните.

Формиравме стабилна Влада, којашто е целосно посветена да обезбеди функционално владеење на правото и развој на економијата. Успешно го развиваме концептот „Едно општество за сите“, што овозможува еднакви права и одговорности на сите граѓани. Определени сме и кон соработка со опозицијата за клучните прашања за граѓаните и државата. Продолжуваме да ги унапредуваме и односите со нашите соседи, Република Грција и Република Бугарија, коишто се меѓу нашите први лобисти, како во НАТО, така сега и на патот кон ЕУ. Тоа го покажа и мојата посета на Атина каде беа потврдени заедничкото пријателство и намерите за натамошно унапредување на соработката. Нема нерешливи прашања, ако има искрена политичка волја и очекуваме добрососедската соработка да придонесе кон посилен економски развој, што го очекуваат граѓаните од раководствата на нашите држави. Нашите стратешки определби се НАТО и ЕУ и ќе продолжиме да даваме аргументи за тоа, преку европски начин на однесување и делување, рече премиерот Заев.

Заев, се заблагодари за поддршката од ЕУ и од Кралството Шведска за време на здравствената криза. На состанокот беа споделени искуства за справувањето со КОВИД-19 кризата, при што беше констатирано дека секојдневниот живот на граѓаните, образовниот процес, работниот процес, треба да продолжат низ одговорно однесување од секого, со доследно почитувањето на препораките од здравствените власти.

На средбата е разговарано и за конкретни чекори во развојот на билатералната соработка помеѓу Македонија и Шведска.

Премиерот Заев упати благодарност до премиерот Лофен, амбасадорката Форсгрен Бенгтсон и до Кралството Шведска за искреното пријателство и за важната поддршка во сите демократски процеси на нашата држава, како и во реализацијата на евроатлантските цели, се наведува во соопштението.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.