Полицијата привела едно лице во гласачко место во кумановското село Тромеѓа кое го фотографирало гласачкото ливче, информираат од Општинската изборна комисија (ОИК) Куманово.

За случајот, како што додаваат оттаму, е во тек подготовка на записник.

Случајот го потврдија и од Министерството за внатрешни работи од каде информираат дека настанот се случил во 16 :49 часот, кога лицето со иницијали М.Д., на избирачкото место 1080 во село Тромеѓа со мобилен телефон го сликало гласачкото ливче, по што бил приведен во СВР Куманово.

Според податоците на Државната изборна комисија, до 17 часот, излезеноста во Куманово е 30,82 проценти, во Липково, 13,55, а во Старо Нагоричане, 33,31 процент.

Во Куманово денеска можат да гласаат 86.009 на 167 избирачки места, информираше претседателот на ОИК Куманово, Звонимир Николовски. Во Липково, право на глас имаат 25.363 граѓани кои гласаат на 36 избирачки места, соопшти претседателот на ОИК, Лирим Јашари. Гласањето се одвива непречено и во Старо Нагоричане, информираше Драган Јовановски, претседател на ОИК. Во оваа општина право на глас имаат 3.329 граѓани кои гласаат на 38 избирачки места.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.