Радмила Шекеринска била нервозна и лута затоа што судскиот процес за т.н. организирање на настаните на 27 април не течел со брзината која таа ја очекува. Во четвртокот во интервју за ТВ 21 за судењето за настаните на 27 април, кое е во тек таа изјави:

„И кога ќе видам дека толку бавно тече процедурата за главните виновници, и јас сум нервозна. Јас сум не нестрплива, јас сум лута.“

Оваа јавна изјава на министерката за одбрана и заменик-претседател на СДСМ може да се протолкува и како директен притисок врз судот да постапува согласно политичките желби на Шекеринска и СДСМ, да има брзи пресуди за нивните политички противници таргетирани од обвинителкатан Вилма Рускоска врз основ на исказот на Александар Василевски Нинџа, кој досега е менуван четири пати.

Сведочењето на Нинџа беше демантирано од судскиот вештак проф. д-р Мирослав Котевски кој со податоци и докази ги негираше зборовите на Нинџа, односно докажа пред судот преку анализа на базните станици кои ги регистрирале мобилните телефони на Нинџа, дека тој не бил во штабот на ВМРО-ДПМНЕ во времето во кое тврди дека бил присутен таму.

Од ВМРО-ДПМНЕ коментираат дека изјавата на Шекеринска наликува во својата природа на најавите кои ги соопштуваше нејзиниот шеф Зоран Заев на зачетокот на работата на СЈО, најавувајќи судски одлуки, односно притвори за политичките противници.

Рочиштата за 27 април се одвиваат редовно, нема чести одлагања, а на едно рочиште се сослушуваат по 10-15 сведоци, односно се одвива со солидна брзина и дополнително на одбраната и е дадена шанса да ги негира со докази општите и паушални тврдења на Рускоска во обвинението.

НЕРВОЗА ПОРАДИ СРУШЕНОТО ОБВИНЕНИЕ

Се поставува и прашањето дали „нервозата и лутината“ на Шекеринска потекнува токму и од целосното рушење на лагите на Нинџа во четирите различни верзии за настаните на 27-ми април, односно дали очекувањата на Шекеринска се дека судот мора да испорача „преку суд“ односно процес каков што водеше судијката Добрила Кацарска и кој заврши со 211 години затворски казни во голем дел темелени токму на различните верзии на Василевски за настаните на 27 април.

Со ваквите изјави Шекеринска не го менува впечатокот дека и овој, како и претходниот процес за 27 април се политички конструкт и дека не се работи за обвиненија кои имаат за цел да ја откријат вистината, туку да ги егзекутираат по судски пат политичките противници на СДСМ, претходно „оцрнети“ и „однапред осудени“ токму од политичките елити на СДСМ.

Во контекст на ова оди и фактот дека СДСМ и нивниот портпарол Петре Шилегов на 29-ти април 2017 година за прв пат беше „најавено“ обвинението за т.н. тероризам.

ШТО ЗБОРУВАА ШЕКЕРИНСКА И ОБВИНИТЕЛКАТА ЈАНЕВА НА ТАЈНИ СРЕДБИ ВО ДОМОТ НА БОКИ 13?!

Нервозната и лута Радмила Шекеринска која е незадоволна затоа што се уште „не направиле казни“ за случајот за т.н. организирање на настаните, веројатно по можност без докази и сослушувања туку „експедитивно и набрзинка“, пред извесно време се појави во јавноста како дел од тајно снимени материјали на кои се гледа дека Шекеринска е во домот на Бојан Јовановски – Боки 13 во негово и во друштво на Катица Јанева.

Тогаш Шекеринска се обиде да се одбрани дека на средбата разговарала со Јанева за законот за јавно обвинителство, без да каже зошто во домот на Боки 13 се среќавала со Јанева за да разговара за закони, дали е нормално извршна власт да има тајни средби со обвинители за да договараат закони и конечно, зошто некој одлучил да ја сними оваа тајна средба на Шекеринска со Јанева во домот на Јовановски?

Дали можеби и со Јанева укажувала дека е „нервозна и лута“ ако не се реализираат брзо одредени случаи на СЈО?

Ако „баба лаже, трап не лаже“ – токму на вчерашното рочиште и Вилма Рускоска се пожали дека имало „премногу сведоци“ на судењата, на свој начин веројатно исто така обидувајќи се да изврши притисок врз судот.

Оваа изјава на Рускоска доаѓа само еден ден по јавната изјава на Шекеринска дека е „лута и нервозна“ што нема брзи казни за т.н. организатори, без оглед на доказите и фактите. А Шекеринска и Рускоска и претходно биле дел од исто движење – Шарената револуција.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.