Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски на прес-конференција информира дека продолжува притисокот на власта врз опозицијата.

Тој соопшти дека вчера добил писмо од премиерот Зоран Заев во кое што писмо се заканува со тужба за клевета.

Цитирам моја изјава дадена по повод верскиот празник Богородица во која што на новинарско прашање одговарам околу прашања поврзани со аферата „Рекет“. Наместо како што личи во секоја нормална и демократска држава доколку не се согласува политичкиот опонент со она што ние го кажуваме истото да го демантира или во јавноста да приложи спротивни факти и аргументи. Зоран Заев од позиција на премиер, најмоќен човек во државата решава да се заканува со тужби. Писмото коешто е испратено до мене ви е поделено. Сметаме дека ова е класичен обид за притисок и за замолчување на опозицијата, рече Николоски.

Николоски прашува во која демократска држава, земја-членка на ЕУ, се видело премиер да тужи потпретседател на најголема опозициска партија за политичка изјава.

Толку ли го заболе Зоран Заев мојата изјава за „Рекет“, што реши сам себе да се демантира. Па така на четврти април оваа година Зоран го советуваше брат му Вице да ја повлече тужбата за клевета кон мене. А, еве сега денес решава самиот тој да ме тужи за клевета. За „Рекет“ има активна истрага и моја работа како политичар и како потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ е јавно да поставувам прашања, дилеми и да споделувам информации. И на тој начин да ја отвориме оваа дебата во јавноста и секако на еден демократски начин да извршиме притисок врз институциите, истите побрзо да ја завршат истрагата, рече тој.

Кој верува во оваа држава дека Боки 13 сам рекетирал и дека бизнисмените сами му ги давале парите? Па денар нема да му дадат, а не тешки милиони доколку позади него не стојат највисоките структури на власта, рече Николоски.

Она што е интересно во писмото кое што ви го доставив Зоран Заев воопшто не демантира дека се изрекетирани преку 20 милиони евра. Ниту демантира дека повеќе бизнисмени се изрекетирани со што само ги потврдува нашите сознанија. Дека рекетот бил далеку подлабоко од она што се знае во јавноста. Единственото што го спори е дека тој ја координирал оваа акција. За таа работа ќе се видиме и со Зоран на суд и исто како во тужбата со брат му Вице јас планирам сам да се бранам, да не ангажирам адвокати, слободно може тој да си ангажира најскапите адвокати во државава. Па ќе видиме на чија страна ќе е вистината.

Исто така би сакал да информирам, рече тој, дека за овој притисок кој што власта го врши врз опозицијата и чија што цел е многу јасна, а тоа е од една страна да се дефокусира главната тема, а тоа е кој е на врвот на пирамидата за аферата „Рекет“. Второ да се заплаши опозицијата. Трето да се заплаши слободно мислечката јавност и медиумите затоа што логиката на советниците околу Заев која секако е погрешна е дека ако тој може да го тужи потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, што останува за другите.

И секако последната цел е оние кои што се околу него, кои што му велат – „Шефе, уживај, тужи го. Ќе го добиеме на суд и на тој начин ќе докажеме дека си невин“. Наместо мене да ме тужи на суд, мислам дека е добро да се пријави во обвинителството и да даде исказ што тој знае и како е инволвиран во аферата „Рекет“. Имајќи предвид дека неговото име го слушавме на јавно објавените материјали, а исто така за неговото име се шпекулира во јавноста.

Николоски за овој притисок на власта врз опозицијата во текот на утрешниот ден на писмено ќе бидат информирани сите дипломати во државава, а ќе оствари средба на Брисел на Европскиот парламент и на Европската комисија, каде што исто така ќе информирам за оваа форма на притисок.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.