На 13 септември 2018 година во 13,39 часот во просториите на управните служби на македонското Министерство за внатрешни работи Зејадин Бериша се фотографирал, оставил отпечаток од прстот и за неколку дена добил македонски пасош со нов идентитет – Јосиф Ставре, инаку Македонец и со американско државјанство. Бериша ова слободно го направил иако во Македонија е осуден за тројно убиство и по него има меѓународна потерница за учество во терористички групи.

Овој биометриски пасош со украден идентитет на двоен државјанин на САД и Македонија од Зејадин Бериша, припадник на ИСИС, бил користен цели 30 месеци. Дури на 2 март 2021 година била откриена оваа измама со двојниот идентитет.

Зејадин Бериша (37), кој е инаку по потекло од Косово, во 2018 година од судот во Приштина е осуден за организирање на терористички групи, учество во странска терористичка војска, ИСИС и нелегално држење на оружје. На 7 мај 2015 година, Хади Нура, Бесим Шабани, Бетим Ибрахимај, Адил Буши, Егзон Латифи, Јетмир Буши, Беким Халили, Зејадин Бериша (во бегство) и Јетон Хајдини се обвинети дека во различно време, преку меѓународниот аеродром во Приштина, отпатувале за Турција, а потоа и за Сирија каде учествувале во воени вежби како дел од терористичката организација ИСИС, извесно време се бореле во Сирија, а подоцна се вратиле на Косово. Со ова се смета дека сториле кривично дело „организирање и учество во терористички групи“. Сите биле дел од џихадистичката група на Ридван Хаќифи.

Бериша е познат и на македонските судски органи. Во 2008 година во Тетово тој е осуден на 15 години затвор за тројно убиство. На 21 февруари 2004 година Бериша заедно со уште две непознати лица околу 18.45 часот во локалот Шар на регионалниот пат Тетово-Пирок, кај Мала Реќица ги убил тетовците Наргим Хазбиу, Сатки Асани и Милаим Тапи. Од истрелите биле повредени уште четири лица.

Тоа значи дека по Бериша Зејадин имало распишани две меѓународни потерници, судот во Тетово (2004) и судот во Приштина (2015), но тоа не претставувало никаква пречка тој во 2018 година да влезе во македонското МВР и да си извади македонски пасош со нов идентитет – Јосиф Ставре.

И Фитим Дема (34) кој беше дел од џихадистичката група на Љавдрим Мухаџери и Ридван Хаќифи има македонски пасош. И тој е осуден за учество во терористичка војска ИСИС. Неговиот нов идентитет на македонскиот пасош беше Дориан Меле. И по него веќе имало распишана меѓународна потерница од судот во Приштина, кога на 13 април 2018 година се фотографирал во управните служби во македонското МВР, а 4 дена подоцна го подигнал македонскиот пасош. Како Дориан Меле, Дема беше приведен од албанските власти на 11 февруари 2019 во Валона во обид со брод да замине за Италија.

По двегодишна изтрага на МВР и скопското обвинителство во аферата „Двојник” откриени се 59 корисници на македонски пасоши сп украден идентитет, а 156 сѐ уште се непознати, неоткриени.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.