Командантот на полициската единица алфи, Примислав Димовски се огласи во јавноста откако се најде на листата на ангажирани од СЈО, на кои им се исплатени хонорари.

Тој вели дека доколку се утврди доколку парите не му се заработени и заслужени, тој е подготвен да ги врати.

Како истражител во СЈО бев ангажиран во време во кое сосема неизвесно беше кој ќе ја предводи власта во наредниот период. Од клучно значење беше ангажманот на припадниците на МВР во СЈО, иако само малкумина, и покрај заканите и притисоците, се приклучија во борбата за правдата и вистината. Од клучно значење беше и моето повеќегодишно работно искуство во специјалните единици на МВР, за предмети за кои вистината гласно ја бараше целата македонска јавност. Часови и часови напорно работев со обвинителите, работев на материјалите од разговорите, но и на терен…

Жедно ја посакував правдата и вистината и јас, и можам слободно да кажам дека ангажманот како истражител во СЈО беше еден од моите најголеми предизвици и искуство во професионалната кариера. За мојата работа никогаш не зборував, апсолутно почитувајќи го начелото на доверливост на кое се обврзав, но ангажманот можеше да се претпостави поради моето често физичко присуство во СЈО сите овие години.

Иако медиумите прикажаа табела со исплатени средства на која сум високо на врвот, за волја на вистината, од целиот тим на истражители износот кој мене ми беше исплаќан е најнизок во споредба со другите. Во секој случај, повикувам, доколку некој може да ја утврди вредноста на мојот вложен труд и работа на предметите, и времето поминато на ангажманот како истражител, и при тоа утврди дека тоа не е соодветно со средствата кои сум ги добивал за таа намена, јас сум подготвен да го вратам секој денар кој не сум го заработил, напиша Димовски на Фејсбук.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.