Министерството за образование и наука потсетува дека во тек е аплицирањето за стекнување на правото на ученичка стипендија во учебната 2020/2021 година, кое трае заклучно со 9 ноември.

Конкурсите се објавени на интернет страницата на МОН, а потребните документи  можат да се поднесат или хартиено преку архивата на МОН, или пак, електронски преку интернет платформата www.konkursi.mon.gov.mk. Кандидатите кои ќе аплицираат електронски, немаат обврска да ги достават документите хартиено и обратно – учениците кои поради било каква причина немаат можност или нема да одберат да аплицираат електронски, ги доставуваат документите само хартиено во МОН, а апликацијата ќе се смета за валидна и ќе биде предмет на разгледување од надлежните комисии.

Имајќи ја предвид актуелната епидемиолошка состојба во државата, во интерес на заштита на личното здравје, а со тоа и заштита на јавното здравје, Министерството за образование и наука упатува апел до потенцијалните кандидати за стипендии, доколку се во можност да го искористат електронскиот начин на поднесување на апликацијата, кој е безбеден, но и поедноставен во однос на доставата на документите во хартиена форма во просториите на МОН, велат од Министерството.

Покрај вообичаените категории на стипендии кои беа достапи досега: стипендии за социјална поддршка на ученици, стипендии за талентирани ученици, за талентирани ученици спортисти, за деца без родители, за ученици со посебни потребни, за ученици запишани во ДСУ ”Спортска академија”, стипендии за ученици Роми и за ученици од угостителско – туристичката струка, за оваа учебна година Министерството за образование и наука обезбеди и неколку дополнителни категории на стипендии за учениците од средното стручно образование.

Можност за аплицирање за стипендија имаат и учениците од машинска, земјоделско-ветеринарна, текстилно-кожарска, електро-техничка и градежно-геодетска струка. Изборот на овие струки е направен врз основа на истражување за потреба од вештини на пазарот на трудот во  Македонија за 2020 година, спроведено во соработка со Агенцијата за вработување.

Дополнително, покрај конкурсите за доделување ученички стипендии, информираме и дека во тек е Конкурс за поврат на средства за купен музички инструмент за учебната 2020/2021 година, со кој на 25 ученици, запишани во државните средни училишта во кои се реализираат планови и програми за музичка уметност, а кои ќе ги исполнат конкурсните услови, Министерството за образование и наука ќе им изврши поврат на дел од средствата за купен музички инструмент во висина од 75% од исплатените средства, но не повеќе од 100.000 денари по инструмент. Аплицирањето трае 60 дена од денот на објавата на конкурсот.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.