Околу 110 пријави за несакани реакции од вакцините против коронавирус стигнале до Агенцијата за храна и лекови – МАЛМЕД од почетокот на процесот на имунизација до сега.

Во периодот од 17.02.2021 до 27.05.2021 година до МАЛМЕД се пристигнати околу 110 пријави на сомнеж за несакани реакции од вакцини против Ковид-19 по спроведена вакцинција на 227.963 лица во нашата земја. Најчесто се пријавени несакани реакции со лесна симптоматологија како болка и оток на местото на апликација, зголемена телесна температура, малаксаност, главоболка, болка во мускули, гадење и вртоглавица – велат од МАЛМЕД за „Слободен печат“.

Од Агенцијата нагласуваат дека сите досега пријавени несакани реакции се опишани во упатствата за употреба на вакцините и не се случило никој да пријави животозагрозувачка состојба.

Пријавите за нус појави од вакцините се проследуваат до глобална електронска база на податоци за несакани реакции на лекови на Светската здравствена организација со седиште во Шведска „Uppsala Monitoring Centre“ (UMC) по што стануваат дел од документацијата за безбедноста на лекот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.