Убеден сум дека добивам нов мандат за премиер зашто политиките што ги водевме се насочени кон државата, порача премиерот Зоран Заев на вчерашната собраниска седница посветена на пратенички прашања.

Премиерот во заминување му препорача на лидерот на опозицијата да прифати земјава да биде една изборна единица и потоа, како што рече, ќе се договорат оној што ќе изгуби на изборите да се откаже од политиката.

Мојата амбиција не е да бидам пратеник. Мојата амбиција е – барам чист мандат во кој се решени крупните проблеми на државата и интеграциите се заокружена работа. Убеден сум дека ќе добијам нов мандат за премиер, а ако народот одлучи поинаку, се разбира, сите по дома зашто политиките што ги водиме се искрени, насочени кон државата и немаме никакви предрасуди. No more secret, нема тајни, сè се знае во државата. Менувајте ги политиките зашто подолго ќе останете во опозиција, потенцира Заев во одговорот на пратеничко прашање.

Координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, го праша Заев, дали прифаќа на изборите да биде „шпицен кандидат“.

Прифатете вие една изборна единица, па ќе се договориме. Не бегам од ништо, не шпицен кандидат и лево и десно крило ќе бидам. Менувајте го курсот оти долго време ќе бидете во опозиција, рече Заев.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.