У име Оца и Сина и Свјатога духа.. Амин! Македонската правна држава по клиничка смрт и петгодишно вегетирање на апарати и официјално е почината. Опелото ќе се одржи во Собранието на Македонија. Наскоро.

Нападот врз правната држава почна откако надвор од закон, за партиски потреби, се селектираа и објавуваа туѓи телефонски разговори. Кога шарените уличари диктираа обвиненија и судеа од улица и откако тазе премиерот Зоран Заев освен извршната, надвор од неговите ингеренции, реши да ја стави под своја контрола и судската власт па се стави себе на чело од формираниот совет за ревизија на судството – пишува Драган Павловиќ Латас во неговата најнова колумна објавена на порталот Вечер.мк

Понатаму стои:

Им се раздолжува на шарените хушкачи од улица кои ги плаќа со државни пари од буџетот за “невладини“ активисти; постави свој државен јавен обвинител дури по трето гласање; му даде на СЈО милион евра бакшиш да се подели на десетте обвинители како аванс за услугите од обвинителите кои изнесоа на судење над 200 избрани луѓе; смени и обвини десетина судии кои не му се по мерка; унапреди судии кои ќе слушаат па дури и сопруги на партиски функционери аванзуваа за судии во Апелација; се апсеа пратеници кои потоа се пуштаа ако гласаат за потреби на власта… Со години, пред наши очи, гледаме јавно убиство на правната држава и веруваме дека тоа се однеува на некој друг.

Што следеше оттогаш до денес е општо познато, а познати се и резултатите на таквото владеење на Заев, на СДС на нашата земја и ДУИ. Последно во низата е деновиве. Откако остана без мнозинство од 61 пратеник, Заев со познатите финансиски аргументи и делење функции како за коледе, навлече нов коалиционен партер – Алтернатива на Гаши, со четворица пратеници и, така, опстанува уште некое време на власт.

Порталите на СДСМ, партиските гласила Фокус, Слободен печат, Фактор, Либертас… заташкуваат дека Заев прифатил услов на Алтернатива: да се изврши ревизија и меѓународна истрага на судските случаи Монструм, Диво насеље Куманово, случајот Алфа… се по ред случаи каде обвинети и осудени за тешки убиства се – Албанци. Се подразбира, после ревизијата се очекуваат ослободителни пресуди и обесштетување, максимално, 100 евра за ден или по 500.000 евра од човек, како за случајот Сопот.

Заев прифатил да го спроведе тоа. Не му е прв пат. И претходно, со СЈО, имаше ревизија за судењето за случаите Сопот и Монструм. За него тоа е мал напор, пар состаноци со соодветни шефови на обвинители и судии, и завршена работа. Како и за се друго во судството. Кеш има, унапредување се подразбира, а ќе се заборават и некои обвинителски и судијски корупции ако треба. А треба.

И така, чекор по чекор, дојде денот конечно, и официјално, да се прогласи мртва правната држава. Држава во која, според закон, никој освен македонското обвинителство не може да спроведува истрага. Во која, според закон, не може партиски шефови да договараат ревизии на судски процеси. Држава во која партии договараат ослободување на убијци затоа што се Албанци. За другите, неалбанците, нема договор.

Дали Зоран Заев после ова ќе замине и од премиерската функција? Кого воопшто тоа го интересира. Он и онака не е премеир, барем не како што пишува во законот и уставот. Он е диктатор и управител на севкупната власт во државава: премеир, претседател на држава, државен јавен обвинител, претседател на судски совет и на сите кривични и апелациски судови во државава, главен уредник на медиумите, претседател на жири за избор на песна за евровизија, гувернер на Народна банка, тој е и невладин сектор…

Он понуди премиерска оставка, ама Артан Груби и нарко картелот ујдисан со тендерџиите не му даваат да си оди додека не им се раздолжи.

А долгот е голем. Толку им е должен што ни како премиер нема моќ да ја спроведе сопствената најава. Сега и де факто е јасно дека со државава не управува ни Зоран Заев, ни неговата СДС. Тендерџиите, нарко картелите и андерграундот на ДУИ решаваат кој и до кога ќе биде премеир. Робата чека, пара мора да се врти, тендерите се спремни. Кога ќе се сведат сметките, Заев само ја спроведува диктатурата на подземјето. Што би рекол Зоран Ѓинѓиќ: секоја држава има своја мафија, само кај нас мафијата има своја држава.

А кој сакал да загледа, можел и сам да види дека ваков лик како Зоран Заев во нормални околности, без подземјето и ДУИ, не би ни можел да биде премеир. Го гледам како се кикоти на аеродром додека пристигаат телата на изгорените 45 Македонци што настрадаа во Бугарија. Ми текнува и дека кога беше таму, кај Бугарите, изјави дека несреќата ги зближувала двата народи. Па да не редам цел батаљон глупости, навреди, закани наназад чуени од него. Уште од почетната: “Живи луѓе ќе јадеме кога ќе дојдеме на власт…“ Дојдоа, и навистина, Зоран Заев ја оствари заканата.

Целата колумна на Латас на Вечер.мк

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.