Претседателот Стево Пендаровски нема да поддржи еднострано укинување на техничката влада, без согласност на опозицијата. Според него, за да се промени моделот по кој се одржуваат парламентарните избори во последните два циклуса, мора да има општ политички консензус, во духот на европските практики, а тој не би се осмелил на унилатерално бришење на техничката влада.

Како што пишува „Слободен печат“, оваа тема се наметна по договорот помеѓу СДСМ и ДУИ за владина коалиција, кога лидерот на СДСМ Зоран Заев соопшти дека со лидерот на ДУИ Али Ахмети се договориле да се укине пржинската влада. Тој договор потоа се најде и во владината програма за работа за периодот 2020-2024 година, каде што е наведено дека „Владата ќе предложи укинување на т.н. пржинска влада, која покажа бројни слабости, го блокираше еден дел од државниот апарат во период на најголема светска криза и беше злоупотребен“.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ веднаш се изјасни дека е против, затоа што нема доверба дека СДСМ е подготвена да организира фер избори и затоа што тоа не смее да се менува без консултација со опозицијата и со меѓународниот фактор, кој беше гарант на тој модел.

Во духот на европските практики, претседателот Пендаровски се залага за постоење консензус меѓу власта и опозицијата за измени на изборното законодавство, како и одредбите за т.н. техничка влада. Долгорочна препорака на ОБСЕ/ОДИХР е каква било измена на изборното законодавство да се врши најмалку шест месеци пред изборите и да биде донесена со консензус помеѓу власта и опозицијата, со цел сите учесници да имаат доверба во изборниот процес.

Специјалната изборна оценувачка мисија на ОБСЕ/ОДИХР, која ги набљудуваше предвремените парламентарни избори на 15 јули, ја наведе оваа препорака во својот прелиминарен извештај. Истата препорака беше потврдена и на средбата што претседателот Пендаровски ја имаше со шефот на Мисијата на ОБСЕ, амбасадорот Клеменс Која – одговораат од Кабинетот на Пендаровски, за „Слободен печат“..

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.