Претседателот на Собранието, Талат Џафери, во рамки на традиционалната Mанифестација во чест на Св. Кирил, што се одржува по повод 24 мај, Денот на сесловенските просветители, браќата Кирил и Методиј, во Ватикан, се сретна со папата Франциск и со државниот секретар на Светата Столица, кардиналот Пјетро Паролин.

Папата Франциск на Џафери му подарил скулптура на која има гулаб и маслинова гранка кои го симболизираат мирот.

Претседателот на Собранието, пак, на папата Франциск му подарил скулптура свети Кирил и Методиј, изработена од познатиот скулптор Томе Серафимовски, а инспирирана од споменикот на сесловенските просветители што се наоѓа во Охрид.

Република Македонија и нејзините граѓани секогаш биле и се дел од европската цивилизација. Делото и наследството на Светите браќа Кирил и Методиј, или пак на Мајка Тереза или на Скендер бег не припаѓаат на една држава или на еден народ, туку се светска придобивка и симбол на истрајноста и хуманизмот. Тие по својата содржина се универзални, тие се дел од европската и светската цивилизација, а ние сме должни тие вредности да ги негуваме и надградуваме – истакна Џафери на средбата.

Папата Франциско се заблагодарил на нашата држава за неодамнешниот пречек и нагласил дека од Македонија се вратил со преубави впечатоци. Папата Франциско, како што рекол, особено е трогнат од наклонетоста на младите луѓе во нашата земја кои што, иако се од различна религија и етничка припадност, градат соживот.

Верувам во заедништвото на младите луѓе, а тоа го почувствував во вашата земја. Вашиот народ е порта за христијанството во Европа, што е од исклучително значење, порачал папата Франциско.

Во рамките на Манифестацијата во чест на Св. Кирил, се одржа молебен во Базиликата Сан Клементе каде што се наоѓа гробот на Св. Кирил, на кој присуствуваа и претставници од делегацијата на Република Бугарија. Исто така двете делегации заеднички ќе положат свежо цвеќе пред плочите поставени во чест на Св. Кирил, во Базиликата Санта Марија Маџоре.

Претседателот Џафери ја предводи делегацијата на Македонија составена од Јован Митрески, координатор на пратеничката група на СДСМ, Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Ејуп Алими, координатор на пратеничката група на ДУИ, пратеничката Ирена Стефоска, претседател на Комисијата за културa, Крсто Мукоски, претставник на независната пратеничка група од ВМРО-ДПМНЕ, Цветанка Иванова генерален секретар на Собраниетo, Кочо Анѓушев, вицепремиер, Владимир Лазовски, заменик-министер за култура, Виктор Димовски, државен секретар во Министерството за надворешни работи и Даријан Сотировски, директор на Комисијата за односи со верски заедници.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.