Претседателот на државата Ѓорге Иванов, на 28 декември во 12 часот ќе му се обрати на Собранието.

Иванов го испратил барањето до претседателот на Собранието, Талат Џафери на 5 декември, неколку дена откако Џафери на брифинг со новинарите рече дека истекува време за поднесување барање доколку претседателот Иванов сака да го оствари своето право.

Претходните години, порано добивавме барање од Иванов, оваа година сè уште не е пристигнато. Доколку сака да се обрати тој мора да побрза со доставување барање за да може да му се обезбеди термин. Ова на претседателот на државата му е право, а не обврска, што значи може да не сака оваа година да го искористи ова право – рече Џафери на брифингот одржан на 30 ноември.

Ова ќе биде последно годишно обраќање на Иванов како претседател на државата. Неговиот мандат истекува на 2 мај наредната година, а претседателските избори ќе бидат распишани најверојатно на крајот на јануари или почетокот на февруари.

Иванов 10 години е претседател на државата. Тој прв пат стапи на функцијата откако победи на претседателските избори во 2009, како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, а за втор мандат беше избран во 2014 година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.