Откако доцна синоќа повика на протест пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, утрово претендентот за претседател на ВМРО-ДПМНЕ Митко Јанчев се пишмани. Наводно уште во рани зори се слушнал со Филипче и Караџовски, кои му рекле дека протестот може да го загрози јавното здравје, па Јанчев се откажал од идејата за преземање на лидерското место во партијата.

Се согласувам дека здравјето на граѓаните е на прво место. Се консултирав со Филипче и со Караџоски уште рано утринава, според нивните препораки дека протестот може да го загрози јавното здравје, решив да го одложам истиот. Но, тоа не значи дека отстапуваме од нашата цел, Мицкоски да замине од челната позиција во партијата. Ќе имаме конференции во повеќе градови, еден вид на онлајн протести, бидејќи партијата мора да застане на цврсти нозе – вели Јанчев во изјава за „Фокус“.

На повикот за протест, утрово на Јанчев му одговори Александар Пандов, претседателот на новоформираниот Патриотски институт. Пандов му порача на градоначалникот на Кавадарци и поранешен потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, Митко Јанчев, дека на најавениот протест во понеделник ќе донесе партиски членови во исто време и во исто место за време на протестот пред партиското седиште во Скопје.

Ивор Мицковски и Сашо Тасевски, исто така, ја коментираат најавата на Јанчев. Тасевски му порача дека ги потценува вмровците, а Мицковски дека е играчка во рацете на Заев.

Не се знае дали Јанчев „се слушнал“ со Филипче и Караџовски пред или по овие пораки, но добро е што се одлучил за „онлајн протести“.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.