Советот на јавни обвинители денеска треба да го констатира престанокот на мандатот на обвинителите од Специјалното јавно обвинителство откако во саботата едногласно ја разреши специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, која во моментот е во притвор.

По одлуката на Советот на потег е јавниот обвинител Љубомир Јовевски кој, доколку одлучи, има можност на обвинителите кои до сега ги водеа предметите да им ги додели повторно.

Од предметите за кои СЈО покрена над 20 обвиненија, само три се целосно затворени, неколку се вратени на повторно судење или се чека изјаснување на Апелацискиот суд.

Откако Јавното обвинителство пред неколку дена ги побара предметите на СЈО, од Специјалното јавно обвинителство експресно одговорија дека се подготвени да ги предадат сите предмети по кои постапуваат со сите списи и докази.

Загриженост и неизвесност за својот статус пројавија и стручниот, административен и помошно-технички персонал на СЈО и  побара помош од меѓународната заедница која беше дел од процесите на формирање на ова обвинителство и од политичките чинители во земјава. Министерката за правда Рената Дескоска рече дека за време на разговорите за законот за Јавното обвинителство предложиле вработените во СЈО да бидат префрлени во републичкото Јавно обвинителство.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.