Министерство за здравство, Агенција за лекови и „Македонија лек“ молчат колку и дали од вакците со спорните декларации се искористени. Пресинг ТВ веќе неколку дена инсистира на одговор, дали некои деца се вакцинирани со МРП вакцини кои имаа декларции со изминат рок.

Министерството за здравство не ни одговори на прашањето и не препрати одговорот да го бараме во Агенцијата за лекови.

За овие прашања најдобро да се обратите во Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД), зашто тие располагаат со потребните податоци – одговорија од Министерството за здравство.

Она што и е познато на јавноста е дека 624 кутии на вакцини PIORIX (ПРИОРИКС) од производителот GlaxoSmithKline Biologicals S.A. со згрешени декарации чекаат да бидат уништени, а министерот за здравство Венко Филипче во една прилика наведе дека ова е само еден процент од вкупниот број вакцини.

Откако од Министерството не упатија одговор да бараме во Агенцијата за лекови, Пресинг ТВ го контакрише директорот доктор Ќахил Ибраими, но тој немаше време да разговара на оваа тема со образложени дека е на состанок.

И „Македонија лек“ молчи. Ниту од таму не добивме одговор на прашањето. Веледрогеријата има рок од три дена да ги уништи вакцините, но истите поради дефект на печката во Дрисла најверојатно ќе бидат уништени идната недела. Ова за Пресинг ТВ го потврди Дијана Велјаноска шеф на кабинетот на директорот на „Дрисла“

Испративме допис до „Македонија лек“ во кој им укажавме дека дополнително ќе ги известиме кога ќе може да се уништат лековите. Се работи на дефектот на печката и се надеваме дека од понеделник ќе може да се уништат и вакцините – изјави за Пресинг ТВ, Велјаноска.

Најавата за уништување на вакцините, иако вонредниот инспекциски надзор по барање на министерот Филипче покажал дека сите МРП вакцини со кои се имунизираат децата се со важечки рок и се целосно безбедни, внесе нова паника и сомневања во јавноста.

Зошто ќе се уништува лек за кој одговорните тврдат дека е безбеден и дека има важечки рок на траење, од Министерството за здравство ни одговорија дека за ова прашање МАЛМЕД треба да одговорат. Дополнително, испратено ни беше соопштението на Агенцијата за лекови, во кое се вели дека вакцините ќе бидат уништени во согласност со Законот за лековите .

Со повлекување на вакцината од Здравствените домови повикувајќи се на Законот за лековите и медицинските средства, согласно член 106 став 1 точка 5, оваа вакцина се смета за лек кој не е за употреба – се вели во соопштението.

Во соопштението, дополнително се наведува дека МАЛМЕД утврдил дека на спорните вакцини има неусогласеност на податоците во однос на серискиот број и рокот на употреба наведени на оригиналното контактно и надворешно пакување на лекот од производителот и налепницата залепена на надворешното пакување на лекот која содржи податоци напишани на македонски јазик.

Ова е спротивно на членот 85 од Законот за лековите и медицинските средства. Уште едно прекршување на Законот според кој, овие вакцини мораа да бидат повлечени од Здравствените домови иако имаа важечки рок на траење, се наведува во соопштението.

Останува нејасно, од која причина лекот е повлечен од употреба, со оглед на тоа што не станува збор за оштетено пакување, истечен рок, изменети (изглед, боја, вкус и мирис) туку, како што тврдат надлежните, за погрешна декларација.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.