Очекувам државотворен капацитет. Партиските интереси да ги ставиме на страна кога се работи за интересот на граѓаните на државата и да го смениме моделот во една изборна единица и да донесеме законска обврска 50/50, изјави премиерот во заминување Зоран Заев, посочувајќи дека со тоа најмногу добива демократијата во државата и се отстранува можноста од идно поставување на автократии.

Апсолутно сакам, потцрта тој, доколку е можно сите да застанат зад тоа, но во парламентарната демократија се знае ако 61 глас кажат „за“ тоа е закон.

Коалицискиот партнер ДУИ не се согласува, но јас сметам, рече премиерот во заминување Заев, дека треба малку повнимателно да се пресмета и да видат дека треба да се согласат.

ВМРО-ДПМНЕ ако повнимателно се пресмета треба да се согласи, ако навистина верува во демократијата. Во новата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ знам дека сте за и за мене е јасно дека верувате во демократијата, изјави Заев.

СДСМ и Коалицијата, подвлече тој, е за една изборна единици и ние остануваме зад тоа и апелирам ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ да се приклучат на ваквите иницијативи и модели.

Претседателот на Собранието не е овде и нема да зборувам на различноста на коментарите дали има време или нема време. Јас тврдам дека има време, затоа што треба само да се смени гласачкото ливче и сето тоа што е поврзано со гласањето како процес. Огласна табла, како се огласува, како стои на гласањето и сето што е поврзано. Друго нема техника и технологија што ДИК треба да се подготвува и избирачките одбори нешто да се менуваат, изјави Заев.

Ова, според Заев, претставува значаен демократски исчекор, каде најмногу губи СДСМ, па губи ВМРО-ДПМНЕ, па губи ДУИ, ама и добива, по што сите други добиваат, а на крајот најмногу добива демократијата во државата и се отстранува можноста од идно поставување на автократии во државата.

Придобивки има многу, но најголема е демократизацијата. Дава можност на помалкубројните партии да учествуваат во Парламентот. На крајот, имате мултиетничка земја и дава посериозна можност за посериозна застапеност на помалите и помалкубројни заедници, изјави Заев.

Повика да се отвори дебата во Собранието за тоа, како што рече, дека гледа оти државата губи сериозен државен капацитет, со тоа што жената тешко се враќа на рамноправна основа со мажот.

Кој прво да го направи ако не Парламентот. Чекорите треба да ги правиме. После тоа треба да следи Влада, па да следат институциите, секако локалните самоуправи и слично. Тоа се вредности и верувам дека ќе се избориме како парламентарен состав, изјави Заев.

Сите сме разумни луѓе, посочи Заев, но гледам проблем и никој не ме информирал дека има проблем во спроведувањето за изборите на 12 април.

Претседателот на ДИК јавно кажа дека се подготвени и за новиот изборен модел. Ги прашувам членовите од СДСМ кои се во ДИК, викаат да подготвени сме за новиот изборен модел. Не ни треба време, зошто имаме четири месеци до изборите, изјави Заев.

Посочи дека во Министерството за правда постои работна група и зборува за препораките ОБСЕ/ОДИХР, но дека не очекуваат Министерството да биде решение за изборниот модел.

Според мене, решението дали изборниот модел ќе остане ист или ќе се менува е работа на Парламентот. Убаво е да се постигне консензус, но за мене е неприфатливо да не се дојде на состанок на помалите политички партии и парламентарни групи на повик да се разговара за едно вака важно прашање. Јас бев присутен како претседател на најголемата политичка партија во државата и јасно ги кажав своите ставови дека СДСМ и Коалицијата со која настапивме на изборите застанавме зад една изборна програма во која што стои и ветувањето –  една изборна единица, изјави Заев.

Посочи дека СДСМ се и за отворени листи, но нагласи дека една изборна единица за пратенички листи и отворени листи заедно не треба да одат.

Можеме да направиме отворени листи на следните локални избори и сега да го вградиме во законот, а една изборна единица да одиме сега, објасни Заев

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.