Премиерот во заминување Зоран Заев, во писмо до д-р Киро Стојанов, бискуп скопски и апостолски егзарх на Католичката црква во Македонија, нему и на верниците од католичката вероисповед им го честиташе големиот христијански празник Божик – празникот на Христовото раѓање.

И оваа година се радуваме и го воспеваме раѓањето на богомладенецот Христос, придружуван од песната на ангелите во негова чест и во чест на овој настан: „Слава му на Бога во висината, а на земјата мир меѓу луѓето!“ Овој голем христијански празник секогаш ги повикува сите луѓе да го земат како пример делото и учењето на Исус Христос, и во мир и со спокоен дух, да им понудиме на сите, во исто таков мир да го победиме злото и да го преобразиме во добро“, се вели во честитката.

Премиерот во заминување во честитката нагласува дека секоја година Христовото раѓање е нова надеж за подобро утре за секој човек, во секое семејство.

Ова се денови кога сите ние сме повикани да учествуваме да изградиме похуман и праведен свет, со уверување дека во мир и спокојство имаме можност за попросперитетна иднина за сите“, пишува во честитката премиерот во заминување Заев и додава дека оваа година ќе ја запаметиме и по посетата на Светиот Отец Папа Франциск на нашата земја.
Светата литургијата со која Папата Франциск ги благослови католичките верници и сите граѓани со добра волја, е израз на почит за заедништвото меѓу народите на нашата земја кое го негуваме. Неговата посета беше силен поттик и поддршка за сите нас. Христос се роди. Среќен Божик за сите!“, се вели во честитката на премиерот во заминување Заев до д-р Киро Стојанов, бискуп скопски и апостолски егзарх на Католичката црква  и до верниците од католичката вероисповед.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.