Како влада и јас како премиер кој еве ја напушта функцијата оставам аманет до април како што се договоривме да ја направиме нивелацијата или структурната реформа во образованието – рече премиерот во заминување Зоран Заев по потпишувањето на Спогодната помеѓу Министерството за образование и наука и Синдикатот за образование, наука и култура за покачување на платите во образованието.

Реформата, како што истакна, е многу значајна и ќе даде дополнителни шанси за унапредување и на квалитетот за работа на учениците, но и на наставниците и професорите.

Дајте се од себе да пренесеме колку што е можно повеќе квалитетно знаење на учениците и студентите кое ќе им треба – им порача премиерот во заминување на наставниците и професорите.

Откако вчера стана јасно дека дека владејачкото мнозинство и опозициската ВМРО-ДПМНЕ постигнале договор за деблокирање на дел од законите во Собранието, а за утре е најавена средба меѓу премиерот во заминување Заев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски се отвора патот за формирање на техничката влада.

Премиерот во заминување Заев изминатите денови неколку пати најавуваше дека избори нема да има на 12 април, а тој нема да поднесе оставка, доколку опозицијата не ги одблокира законите од кои зависат платите, пензиите и инвестициите. Тој посочи дека избори во 2020 година ќе има, но дали тие ќе се одржат на 12 април ќе зависи од пристапот на опозицијата кон Собранието.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.