Портпаролот на Владата Миле Бошњаковски на денешната редовна прес-конференција потврди дека постојат серизони разлики меѓу Владата и ВМРО-ДПМНЕ, кое бара СЈО да биде посебно одделение во рамките на ОЈО.

Дефинитивно за нас како Влада предлог-законот е најсоодветно решение и сметаме дека треба да се имплементира без одоговлекување, нагласи Бошњаковски.

Бошњаковски информира и за набавката на амбулантните возила за потребите на Првата помош. Нагласи дека оние дополнителни осум што ќе бидат земени од Министерството за земјоделство досега практично не се употребувале и сега само се ставаат во функција.

Министерството за здравство набавува 12 нови амбулантни возила. Овие осум постоеле во МЗШВ и биле речиси неупотребени. Идејата сега е целисходно да се искористат. Им се најде употребна вредност, рече портпаролот.

Во врска со владиниот мерцедес, за кој беше ветено дека ќе биде продаден и со парите ќе се купат амбулантни возила, Бошњаковски рече дека мерцедесот е сè уште дел од судската постапка поради што Владата не го користи.

Мерцедесот е симбол на едно расипништво. Оваа Влада се откажа од него. Премиерот никогаш не го користи тој мерцедес. Мерцедесот е дел од судска постапка и се додека постапката е активна, мерцедесот ќе остане таму каде што е, во дел од таа судска постапка на СЈО. Во истиот момент кога ќе заврши, кога ќе биде овозможено негово менаџирање во иднина, ќе видиме што ќе се случи. Но, Владата набавува нови возила за Службата на прва помош, подвлече Бошњаковски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.