Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) одлучи да покрене прекршочна постапка против Азис Положани, ректорот на Државниот универзитет „Мајка Тереза“ во Скопје, заради недоставување анкетен лист за имотната состојба.

Како што беше истакнато на денешната седница на ДКСК, Положани на функцијата бил избран во април минатата година, а се уште до ДКСК нема доставено анкетен лист за неговиот и за имотот на членовите на неговото семејство, иако според Законот е должен тоа да го направи во рок од 30 дена по стапувањето на функцијата.

Комисијата денеска одлучи да се отвори предмет по службена должност по допрен глас за вработувањето на 43 лица блиски на функционерите од актуелната и поранешната власт.

Вработувањето е најболна точка во државата и имињата што се конектираат со претходната и сегашната власт покажуваат дека е синдром од порано. Јасно е дека ни една власт не е имуна. Ние треба да заклучиме зошто се генерира ваква можност и каде се корените за условно кажано злоупотреба на власта. И должиме на јавноста да ги лоцираме причините и да инсистираме на нивно отклонување, рече членот на ДКСК Софка Петровска Дојчиновска.

Членот на ДКСК Владимир Георгиев побара Комисијата да изготви став како во иднина да се спречи ваквата пракса, а претседателката на ДКСК Билјана Ивановска посочи дека ќе утврдат во каква постапка биле вработувани блиските на функционерите и дали се исполнети критериумите.

Комисијата одлучи да се прибават документи за утврдување или отфрлување на наводите во пријавите доставени од приватни лица за злоупотреба на дискрециските овластувања на јавен функционер при спроведување на оглас за вработување во една од клиниките од Клиничкиот центар во Скопје, евентуалната злоупотреба од актуелен министер за вработување на негови блиски во гимназија во внатрешоста, како и евентуалниот судир на интереси за давање надлежност на лице во Собранието по престанок на неговата функција.

ДКСК на денешната седница донесе одлука да формира Комисија за преземање на анкетните листови, изјавите на итереси и пријавите за промени во имотната состојба на администативни службеници од категорија „А“, односно генерални и државни секретари во локална ицентрална власт, како и Прекршочна комисија во која ќе бидат челенови службеници од Секретаријатот на ДКСК кои ќе имаат задача да ги спроведуваат прекршочните постапки што ќе ги побара ДКСК, а ги усвои и Извештајот за степенот на оствареност на активностите во ДКСК за 2017 година и заклучи да го објави на својата веб-страница, како и Предлог мемеорандумот за соработка со Агенцијата за судии и јавни обвинители.

Одговарајќи на прашање претседателката на ДКСК посочи дека првите резултати од работата на Комисијата треба да се очекуваат откако ќе стигнат одговорите на барањата што ги испратиле до институциите.

Од претходните случаи се уште не сме добиле документи. Штом ќе ги добиеме и ние сакаме час поскоро да ги објавиме резултатите, рече Ивановска.

Членот на ДКСК Нури Бајрами во одговор на прашање посочи дека секако ќе биде изземен при одлучувањето дали постои судир на инереси при вработувањето на неговата внука во МЕПСО.

Јасно е дека ќе се изземам без оглед што во овој случај имаше известување дека нема директен судир на интереси со баџанакот. Во овој случај во прашање е етика и морал и така треба да се постапи. Тоа веќе го знае Комисијата и јавноста и ќе се постапи согласно законот, рече Бајрами.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.